Откако ја разбранува македонската публика со најавата за концерт на Ерос Рамацоти, Авалон подготвува уште едно музичко изненадување – Лени Кравиц доаѓа во Македонија.
Знаеме дека Авалонсково возење во моментов изгледа како она на Алиса во земјата на чудата, ама едноставно некогаш некои работи така се поклопуваат.
Па затоа, задоволство ни е да ви најавиме уште едно неверојатно големо име.
Во рамки на европската турнеја која е по повод излегувањето на новиот албум „Raise Vibration“, Лени Кравиц ќе го посети и Скопје на 3 мај во ВИП Арената.
Од сите земји во регионот, Скопје и Софија се единствените градови каде фановите ќе имаат шанса да го видат неверојатното шоу на Лени Кравиц во indoor амбиент.
За ексклузивноста на скопското шоу доволно говори и фактот што во оваа турнеја не се опфатени градови како што се Белград, Загреб и Атина.
Целата европска турнеја на Лени Кравиц, која ќе се одржи во месеците мај и јуни ќе биде објавена денес во 12 часот по централно европско време.
После минатиот албум „Strut“ кој што беше навистина извонреден, никој не очекуваше дека Лени во толку краток период ќе се појави со уште едно толку квалитетно дело , но сепак „Raise Vibration“ е на ниво на неговите најдобри албуми досега, а последниот радиски хит „Low“ им е веќе добро познат на сите.
Концертите на Лени Кравиц влегуваат во оние настани што се MUST SEE BEFORE YOU DIE бидејќи претставуваат врв во концертната лајв индустрија.
„American Woman“, „Are You Gonna Go My Way“, „Believe“, „Fly Away“, „Again“, „Let Love Rule“, „Chamber“, се само дел од хитовите кои ќе имаме можност да ги слушнеме во Скопје, во сала со капацитет од 8.000 посетители.
Сите детали околу влезниците за овој концерт ќе бидат објавени во понеделник.
Авалон Продукција