Единаесет основни училишта од општина Гази Баба и осум од Кисела Вода се вклучуваат во општествено одговорната и едукативна кампања на „Макпетрол“, „Крени глас против врсничкото насилство“. Учениците од овие две скопски општини ќе имаат можност преку работилници, кои ќе ги води психотерапевт, да се запознаат со проблемот со булингот. За нив, како и за родителите, ќе биде обезбеден и печатен едукативен материјал. Во Општина Центар веќе извесно време се одржуваат ваквите работилници овозможени од „Макпетрол“, оваа активност вчера започна во општина Аеродром, а наскоро ќе се одвива и во училиштата во Гевгелија.
„Пристапот што најчесто се применува во случаите со врсничко насилство, особено од страна на жртвите, како и на набљудувачите, е овие појави да се премолчат. Со оглед на комплексноста на овој феномен и стресот што го предизвикува, да не се зборува за него е разбирливо, меѓутоа, на долг рок ова може да се претвори во товар, наместо да биде олеснување. Дури и кога се во прашање сторителите, одбивањето да се соочат со фактот дека постапиле погрешно, може да доведе до сериозни последици. Клучно во сето ова е дека врсничкото насилство остава длабоки траги кои што го намалуваат потенцијалот за развој на децата и го стеснуваат капацитетот за напредок на младите. Следејќи ги нашите стратешки цели, меѓу кои во врвот е општествената одговорност, решивме да ја креираме оваа платформа со надеж дека ќе послужи како поттик за изнаоѓање решенија што токму на идните генерации ќе им помогнат во соочувањето со врсничкото насилство, како проблем што значително ги засегнува“ - вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.
Компанијата денес потпиша меморандуми за сорабока со градоначалниците на двете скопски општини, Орце Ѓорѓиевски на Кисела Вода и Бобан Стефковски на Гази Баба, со цел успешна реализација на планираните активности. Фокусот на работилниците се учениците, но во нив ќе бидат вклучени и наставниците, како и стручните служби, за и самите да се здобијат со знаења за врсничкото насилство што потоа би можеле да ги применат во тековната настава.
Во Кисела Вода, работилниците ќе се одржат во осумте општински основни училишта: „Кузман Јосифовски - Питу“, „Круме Кепески“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Кузман Шапкарев“, „Невена Горгиева - Дуња“, „Партенија Зографски“, „Рајко Жинзифов“ и „Св. Климент Охридски“.
Во Гази Баба, пак, со знаења за булингот ќе се здобијат учениците од 11 основни училишта што се наоѓаат на територијата на општината:„Вера Јоциќ“, „Његош“, „Стив Наумов“, „Крум Тошев“, „Кирил и Методиј“, „Дане Крапчев“, „Наум Наумовски - Борче“, „Крсте Мисирков“, „Григор Прличев“, „25 мај“ и „Наум Охридски“.
Во осум училишта од скопски Центар веќе се одвиваат работилници овозможени од „Макпетрол“, а во исто толку се вклучени и од Аеродром, каде што вчера се одржа и првата ваква активност.
Стручните лица врсничкото насилство го класификуваат преку неколку различни форми како физичко, вербално, односно, психичко, социјално и сајбер-насилство, а истражувањата покажуваат дека сите тие се дел од животот на најмладите генерации во Македонија. „Макпетрол“ ја реализира општествено одговорната и едукативна кампања „Крени глас против врсничкото насилство“ за да го зголеми интересот во јавноста за овој сериозен проблем и да обезбеди платформа преку која би можело да се дојде долгорочни решенија.
Освен комуникациски содржини и работилници, клучен дел од кампањата е интернет-страницата kreniglas.mk. Преку овој вебсајт се пренесуваат најразлични знаења поврзани со темата на булингот, а притоа истите се наменети не само за децата, како најзасегнати, туку и за родителите и за наставниците. Интернет-страницата вклучува и интерактивни квизови за проверка на познавањата на проблематиката, како и опција за анонимно споделување на личните искуства. Во подготовката на кампањата активно учествуваа психолози, а во соработка со нив беа изработени и прирачници за препознавање, пријавување и решавање на проблемот со врсничкото насилство.