Спотот за „Run the World (Girls)“ од Бијонсе ја доживеа својата премиера за време на музичкото шоу American Idol.
Во музичкото видео Бијонсе е на чело на женска армија која му покажува на спротивниот пол што сè може. 29-годишната пејачка се бори со стил, облечена во креации од познати дизајнери и брендови како Alexander McQueen и Givenchy.
„Run the World“ е првиот сингл од новиот албум на Бијонсе кој доби наслов „4“. Таа користи делови од песната „Pon de Floor“ на Major Lazer. По објавувањето, синглот не ги оправда очекувањата на Бијонсе и првата недела се пласира само на 33-тото место на топ листата Billboard Hot 100, а наредната недела падна на 65-тото место.
Бијонсе призна дека со изборот „Run the World“ да биде прв сингл ризикувала многу. „Дефинитивно е поризично од нешто поедноставно. Само што ја слушнав песната и ми се допаѓа тоа што е различна – малку е африканска, малку е електронска и футуристичка. Ме потсетува на она што го сакам, а тоа е мешање на различни култури и ери – работи кои типично не одат заедно – за да создадам нов звук“ – изјавила таа за списанието Billboard.