Пушачите, кои првата цигара ја палат кратко време по будењето, имаат повисоко ниво на никотин во организмот, во споредба со оние кои чекаат да ја запалат утринската цигара после појадокот. Поради тоа, нестрпливите пушачи се поизложени на опасноста од рак на белите дробови.
Ова го покажале резултатите од ново истражување, спроведено во колеџот по медицина Пен Стејт, а во кое учествувале 252 здрави пушачи. Истражувачите го мереле нивото на котинин (нуспроизвод од никотинот), кој покажува колкав е ризикот од развивање на рак на белите дробови.
Највисоко ниво на котинин било измерено кај пушачите кои утринската цигара ја палеле во периодот до 30 минути по будењето.
Пушачите кои чекаат барем половина час пред да го вдишат првиот дим, имаат пониски нивоа на котинин и со тоа барем малку го намалуваат ризикот од појава на рак на белите дробови.
Истражувачите се надеваат дека податоците од ова истражување ќе помогнат во развивањето на поефективни програми за откажување од цигарите.