Чувствувате болка? Побарајте добра комедија, поканете некој пријател да ви се придружи и ќе ја направите болката поподнослива.
Истражување на Универзитетот Оксфорд покажа дека искреното смеење од срце е вистински лек против болка. Со помош на редица експерименти научниците заклучиле дека се доволни само 15 минути гледање комедија со позитивно друштво за да се намали болката во просек за 10%.
Сепак, трикот е смеењето да биде вистинско, а не присилено, затоа што искрената насмевка го поттикнува лачењето на ендорфини во телото, кои ја зголемуваат способноста за толерирање на болка.
Во експериментите, научниците ја мереле толеранцијата на болка на учесници кои гледале комедија и учесници кои гледале драма или поучни видеа.
„Многу малку истражувања се направени за да се утврди зошто се смееме и каква улога игра смеењето во општеството. Со употреба на микрофони можевме да го снимиме секој учесник и откривме дека луѓето се смеат во текот на една третина од времето што го поминуваат гледајќи комично шоу, а како резултат на тоа се зголемува нивната толеранција на болка“ – изјавил професорот Робин Данбар, кој го предводел истражувањето.