Почетна » Новости » Истражувања » Над третина од жените во светот се жртви на физичко или сексуално насилство

Над третина од жените во светот се жртви на физичко или сексуално насилство

Физичкото или сексуалното насилство е глобален проблем кој засега над третина од жените низ светот, се вели во најновиот извештај на Светската здравствена организација.

Според податоците на СЗО, околу 35% од жените барем еднаш во животот стануваат жртви на насилство, најчесто извршено од страна на нивните интимни партнери. Имено, 30% од жените во светот се жртви на семејно насилство.

„Овие податоци испраќаат силна порака дека насилството врз жените е глобален здравствен проблем со епидемиолошки размери“ – изјавила д-р Маргарет Чен, генерален директор на СЗО.

Застрашувачките податоци говорат дека на 38% од сите убиени жени животот им бил одземен од нивниот интимен партнер, а 40% од жртвите на семејно насилство завршуваат со повреди.

Семејно насилство

СЗО истакнува дека насилството има долгорочни последици на психичкото и физичкото здравје на жените. Истражувањето покажало дека жените со насилен партнер почесто страдаат од депресија и проблеми со прекумерно консумирање алкохол и почесто се соочуваат со несакана бременост и абортуси, како и сексуално преносливи инфекции меѓу кои и ХИВ.

Авторите на извештајот се надеваат дека овие податоци ќе помогнат за подигање на свеста за овој глобален проблем и ќе поттикнат големи промени. Првиот чекор е едуцирање на здравствени професионалци и нивно снабдување со неопходните средства за згрижување на жртвите на насилство.

И во Македонија најголем дел од жртвите на семејно насилство се жени. Кризен центар „Надеж“ е здружение на граѓани кое им нуди помош на жртвите на семејно насилство, со посебен акцент на жените.

На бесплатната SOS линија (02) 15-315, која работи постојано, можат да се јават сите лица кои имаат потреба од совет, информации, упатување и сл. Обучени лица упатуваат до центри за социјална работа низ Македонија, вршат дописи до нив за дадените случаи и упатуваат до (или повикуваат) полиција или брза помош во најитни случаи. За оние кои немаат можност да се јават на телефонската линија, создаден е e-mail sovet@krizencentar.org.mk, на кој ќе добијат одговор во рок до 24 часа.

Центарот располага со простории за итно сместување на жртви (исклучиво жени и деца) од 24 до 48 часа, каде ќе имаат обезбедени основни хигиенски услови, облека и храна. Дискрецијата и безбедноста на просториите е 100% загарантирана, како и дискрецијата на оние кои се јавуваат на SOS линијата.

Во зависност од тежината на случајот, одредени лица се повикуваат на едукација во просториите на Кризен Центар „Надеж“, каде се слуша нивната приказна, се разговара и им се нуди психолошка поддршка, советување и зајакнување, како и бесплатно правно советување. Во тимот се вклучени психолози, социјални работници и правник.

Кризен центар „Надеж“

За повеќе информации, посетете го веб сајтот http://www.krizencentar.org.mk/.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 18912 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.