Родителите неспорно имаат огромно влијание врз своите деца. Не само што нивното однесување влијае на градењето на карактерот на децата, туку и нивното расположение влијае на емотивната состојба на децата.
Ново истражување покажа дека за децата да бидат среќни, многу повеќе придонесува среќата на мајките, отколку среќата на татковците. Истражувачите откриле дека среќни се 73% од децата чии мајки се среќни. Но, во семејствата во кои мајките не се чувствуваат среќни, само 55% од децата изјавиле дека се целосно задоволни од животот во домот.
Во истражувањето учествувале 6441 жени, 5384 мажи и 1268 деца на возраст од 10 до 15 години од 40 000 домаќинства во Велика Британија.
Резултатите покажале дека најсреќни се децата кои живеат со двајца родители, кои немаат помало братче или сестриче, кои ретко се расправаат со своите родители и кои вечераат барем 3 пати неделно заедно како семејство.
„Овие откритија покажуваат дека односите во семејството и среќата на родителите се клучот кон среќата на младите луѓе. Спротивно на популарното верување дека децата само сакаат да играат игри и да гледаат ТВ, ние откривме дека децата се најсреќни кога се во контакт со своите родители, браќа или сестри“ – изјавила Марија Јакову од Институтот за социјални и економски истражувања кој го спровел истражувањето.
Колку се важни односите со родителите говори и фактот што само 28% од децата кои се карале со своите родители повеќе од еднаш неделно и кои не дискутирале со нив за важните нешта од животот биле целосно среќни дома.