Не ја потиснувајте лутината и ќе живеете подолго. Ново германско истражување покажало дека луѓето кои не глумат смиреност кога вријат од лутина може да очекуваат подолг и поздрав живот од луѓето кои го потискаат бесот длабоко во себе.
Германските истражувачи Маркус Мунд и Кристин Мите од Универзитетот во Јена тврдат дека заклучоците од нивното истражување може да објаснат зошто темпераментните Италијанци и Шпанци живеат речиси две години подолго од воздржаните Англичани кои не се откажуваат од „Keep Calm and Carry On“.
Истражувачите се убедени дека воздржувањето и потиснувањето на негативните емоции може да има сериозни последици врз физичкото и психичкото здравје на луѓето. По направена анализа на 6.000 пациенти, Мунд и Мите откриле дека лицата кои ја чувале вознемиреноста во себе, страдале од забрзан пулс. Со текот на времето, забрзаниот пулс може да резултира со висок крвен притисок и зголемен ризик од појава на различни болести како рак и заболувања на срцето и бубрезите.
Сепак, не е сè така црно за оние кои умеат да ја зачуваат лутината во себе. Истражувањето покажало дека тие побрзо заздравуваат од болести, бидејќи се подисциплинирани.
Заклучоците од истражувањето биле објавени во „Health Psychologies“.
Американскиот психолог Дебора Кокс предупредува дека жените се позасегнати од проблемот со потиснување на лутината, затоа што со децении наназад се подучувани дека изразувањето на лутината е лоша особина која ги прави непривлечни за мажите. Резултатите од нејзино истражување покажале дека жените кои го чуваат бесот во себе, почесто страдаат од главоболки и болки во стомакот.