Полицаецот Лоренс Депримо ќе ве убеди дека сè уште постојат хумани луѓе, личности кои не би одминале беден човек без да му помогнат.
Една студена ноемвриска ноќ, тој бил на должност на Тајмс Сквер кога здогледал бос бездомник. Исчезнал за момент, а кога се вратил во рацете имал нов пар чизми. Се наведнал и му помогнал на бездомникот да ги облече.
Неговото добро дело веројатно ќе поминело незабележано ако не била Џенифер Фостер, туристка од Аризона, која со својот мобилен телефон го фотографирала моментот кога Лоренс клечел до бездомникот.
Џенифер ја објавила фотографијата на Facebook страницата на њујоршката полиција и веднаш привлекла огромно внимание. Досега фотографијата има над 310.000 лајкови, 73.000 споделувања и речиси 20.000 коментари.
Хуманиот полицаец не знаел ништо за фотографијата пред таа да биде објавена. Неговиот идентитет бил откриен неколку часа подоцна.
„Беше преладно надвор, а можеа да се видат плускавици на нозете на мажот. Јас носев два пара чорапи и сè уште ми беше ладно“ – раскажал Лоренс за „The New York Times“.
Откако го видел бездомникот, тој отишол во блиска продавница каде избрал квалитетни чизми од 100 долари. Кога менаџерот на продавницата дознал зошто полицаецот ги купува чизмите, му дал 25% попуст кој нему му следувал како вработен. Полицаецот ја зачувал сметката од 75 долари за секогаш да го потсетува дека има луѓе кои се наоѓаат во полоша ситуација.
Џенифер изјавила дека тој момент ја потсетил на нејзиниот татко. Кога била мало девојче, го видела во слична ситуација – како му дава храна на бездомник. „Тој чучна, исто како полицаецот“ – рекла таа.