Уникатниот накит секогаш привлекува внимание. Можеби не секогаш позитивно, но гарантирано го „фаќа“ погледот.
Колекцијата на артистката Кери Хоули која е целосно изработена од човечка коса веќе доби огромно внимание, но и големи пофалби во уметничкиот свет. Иако некои луѓе се згрозуваат од помислата дека накитот за на врат на 23-годишната артистка е изработен од коса, други ѝ се воодушевуваат на идејата.

Идејата за изработката на ваков накит доаѓа од аверзијата на луѓето кон отсечената коса. Како што објаснува и самата Кери, луѓето се гордеат со својата убава коса, но откако косата е отсечена, кај луѓето се раѓа одбивност кон неа. Кери сакала да проучи дали може отсечената одбивна коса да ја направи повторно привлечна.


Токму затоа и колекцијата од 5 парчиња накит се нарекува „Attraction/Aversion“ (Привлечност/Одбивност).
Кери користела скршени сечила од пила за да може да ги сече и да ги обликува влакната во апстрактни форми инспирирани од дезенирани тапети за ѕид. За секое парче Кери одделувала по околу 60 часа.


За оваа невообичаена колекција Кери добила награда за дизајн, а нејзините дела биле изложени во изложбениот центар Business Design Centre во Лондон.
Па, одбивно или привлечно?