Приватни фотографии на Марк Цукерберг беа објавени онлајн, откако поради компјутерски безбедносен пропуст на Facebook, хакер успеал да добие пристап до фотографии на Марк означени како приватни.
Од познатата друштвена мрежа тврдат дека грешката била само привремена и веќе е поправена. Ако некој пријавеше туѓи фотографии како непристојни (голотија, порнографија), Facebook поради баг му даваше на корисникот можност да селектира како непристојни и други фотографии од истиот профил, вклучително и од фотографиите маркирани како приватни.
Фотографиите кои го покажуваат приватниот живот на основачот на Facebook се распространија низ интернет откако софтверскиот инженер Мајк Рандл од Северна Калифорнија ги постави фотографиите на сајтот Imgur под наслов: „Време е да ги поправите тие безбедносни пропусти, Facebook...“. Мајк тврди дека првпат ги видел фотографиите на онлајн форум.
„Ако ова не докажува дека програмерите во Facebook не мислат за безбедноста, не знам што ќе докаже“ – вели еден од програмерите на сајтот Hacker News.
На голем дел од фотографиите е и девојката на Марк, Присила Чен, и нивното куче.
Facebook постојано добива критики за заштита на приватноста на корисниците, а по овој инцидент навистина е умно да размислите за фотографиите и информациите кои ги објавувате на оваа друштвена мрежа.
Истата кокошка? На последните фотографии Марк е фотографиран прво со жива кокошка, а потоа со поховано месо. Неодамна тој призна дека јаде месо само од животни кои сам ги убива.