Кога пред една година Грег Викхерст се развел од својата сопруга, не можел ни да претпостави дека меѓу секојдневните проблеми во грижата за ќерка му ќе се вброи средувањето на нејзината коса. Иако Грег не знаел да врзе ни обично коњско опавче, среќата била на страната на 3-годишната Изи, бидејќи тој набрзо започнал да се усовршува во правењето на детски фризури.
Имено, Грег работи во колеџот „IntelliTec“, во чии рамки постои оддел за козметологија. Минатото лето, тој решил да го посети одделот и со помош на студентите по козметологија да научи да ѝ ја средува косата на својата ќерка. „За кратко време научив да плетам обична плетенка, плетенка рибина коска и француска плетенка. Научив како да врзувам коњско опавче, а потоа да го протнувам одгоре или оддолу. Го нарекувам превртено коњско опавче“ – рекол Викхерст во интервју за The Huffington Post.
Вештиот татко создава фризури кои Изи ги обожава, а на сите татковци им порачува да уживаат во секој момент поминат со децата.
Можеби фризурите на Грег не се совршени, но неговата посветеност е доволна за тој да биде најдобриот фризер на светот во очите на малата Изи.