Почетна » Семејство » Дете » Врската татко-ќерка

Врската татко-ќерка

Силната врска татко-ќерка не само што е неверојатно специјална, туку носи и големи бенефиции за ќерката. Вклученоста на таткото во животот на своето девојче е незаменлива состојка за нејзиното развивање во силна и самоуверена жена, вооружена со најважните животни лекции.

Врската татко-ќерка низ животот

Животните лекции таткото не ги презентира преку она што го вели, туку преку начинот на којшто се однесува кон својата ќерка и кон нејзината мајка. Додека мајката ѝ служи како пример за однесување на ќерката, таткото ѝ покажува што може да очекува од другите мажи кои подоцна ќе пристигнат во нејзиниот живот.

Татко и ќерка

Додека сме мали немаме ни блага претстава колку се значајни малите лекции кои секојдневно ги учиме од нашите татковци, но кога еден ден нашиот мозок ќе успее да најде смисла во нив, лекциите допираат толку длабоко во нашето срце што оформуваат нераскинлива поврзаност со таткото.

Пример: Кога за првпат учевте да возите велосипед, сигурно татко ви го држеше седиштето одназад и трчаше по вас за да ве придржи да не паднете, а со своите зборови ви влеваше самодоверба. Кога за првпат тој ве турна со велосипедот и ве пушти да возите без некој да ве држи, тој ве научи да верувате во себе и да знаете дека сами можете да се справите со секој предизвик во животот. А, кога првпат паднавте со велосипедот и кога тој ви рече „Ех, ова нема да е единствен пат. Ќе паѓаш многупати, но важно е да бидеш упорна“, вие сигурно мислевте дека зборува само за возењето со велосипед, но тој всушност ве учел дека животот кога-тогаш ќе ви нанесе удар и ќе паднете, но дека мора да се исправите на нозе и да продолжите напред.

Многу татковци се блиски со своите ќерки додека тие се мали, а започнуваат да се оддалечуваат од нив кога ќе наближи и започне бурниот адолесцентен период. Тогаш тие сметаат дека нивните девојчиња не можат да ги споделат своите женски тајни со нив и повеќе се форсира врската мајка-ќерка. Разликата во половите е важен фактор за таквото оддалечување.

Комуникацијата на татковците со ќерките станува уште потешка и со повеќе препреки кога девојката се претвора во жена. Во тој период повеќето татковци се повлекуваат и им ја препуштаат главната улога на родител на своите сопруги. Но, секоја жена има потреба од блискоста со својот татко, без разлика дали има 4 или 44 години.

Зошто е важно да постои силна врска татко-ќерка?

Важноста на учеството на татковците во растењето и воспитувањето на децата често е занемарена. Склони сме да веруваме дека не е задолжително татковците да одржуваат ефективна комуникација и да се толку многу вклучени во растењето и развивањето на своите ќерки, колку што тоа се очекува од мајките. Но, таквото размислување е далеку од реалноста. Врската татко-ќерка е од суштинско значење и тоа во скоро сите сфери од животот на ќерките.

Самодовербата

Здравата хармонична врска со татковците им помага на младите девојки уште од мали нозе да си изградат добра слика за себе и сè што прават да го прават исполнети со самодоверба. Секое девојче во добро семејство ќе се најде во ситуација да си рече: „Штом татко ми се однесува со почит кон мене и го цени моето мислење, значи јас вредам“.

Образованието

Силната врска татко-ќерка ги зголемува шансите ќерката да се запише и заврши факултет, а исто така влијае позитивно и врз успехот кој го постигнува на ова поле од животот. Девојките кои негуваат добри односи со татковците имаат и подобри оценки.

Пубертетот

Девојките кои живеат во хармонија со своите родители и одржуваат здрава врска со својот татко влегуваат во пубертет малку подоцна отколку девојките со нарушени односи со своите татковци.

Првиот сексуален однос

Експертите тврдат дека колку повеќе една девојка добива внимание и љубов од својот татко, толку помалку ќе ја користи својата сексуалност за да го привлекува вниманието на други мажи. Девојките со добри односи со татковците имаат прв сексуален однос подоцна во животот отколку девојките кои имаат лоши односи со родителите. Исто така, добрата врска со таткото го намалува ризикот од тинејџерска бременост.

Психичкото здравје

Ќерките кои имаат силна врска со своите татковци се радуваат и на подобро психичко здравје, затоа што поретко страдаат од психички нарушувања и депресија и поретко развиваат проблеми со јадењето како анорексија.

Изборот на љубовен партнер

Неретко се вели дека жените избираат партнер кој многу наликува на нивниот татко. Тоа доаѓа од фактот што таткото станува мерка за мажественоста и за тоа како треба да се однесува еден маж, па тој ги поставува стандардите според кои ќерката си го избира партнерот. Секоја девојка учи како еден маж треба да се однесува кон една жена по примерот на своите родители. Ако нејзиниот татко се однесувал со почит кон нејзината мајка, ѝ ја отворал вратата, ја изненадувал со цвеќиња и ја преплавувал со комплименти, таа ќе го очекува истото од својот партнер.

Девојките со нарушени односи со таткото почесто влегуваат во проблематични врски во кои се физички или психички малтретирани.

Како да ја зацврстите врската со вашиот татко?

Честопати ќерките сметаат дека таткото се дистанцира од нив по своја желба и диктира поладна врска, но реалноста може да биде сосема поинаква. Често се случува татковците да се чувствуваат изоставени и токму поради тоа да се повлечат настрана. На пример, ќерките кои живеат подалеку од своите родители скоро во сите случаи кога се јавуваат дома разговараат преку телефон со своите мајки, а не со своите татковци.

Психолозите советуваат дека ќерките можат да направат многу за ја зацврстат врската со татковците. Иницијативата е многу важна. Почесто јавувајте му се на татко ви, излегувајте на прошетки сами, седнете да се напиете еден пијалак заедно. Во тие моменти, додека сте сами, иницирајте длабоки значајни разговори. Прашувајте го за неговото детство, прашајте го кои се најважните одлуки кои тој ги донел кога бил на ваша возраст, за што жали најмногу во животот и сл. Таквите теми ќе му покажат дека се интересирате за него и дека сакате да го запознаете што подобро. Во една ваква ситуација, може да забележите дека неговите очи светат од среќа, затоа што огромен број татковци копнеат и со нетрпение ги очекуваат овие приватни моменти.

За жал, не секоја девојка или жена била доволно среќна да има силна нераскинлива врска со својот татко, исполнета со безусловна љубов, заемна почит и разбирање. Некои се родиле во семејство во кое родителите никогаш не влегле во улогата на вистински родители, некои пак, прерано го изгубиле својот татко. Но, оние кои ја имале среќата да дознаат што значи вистински татко, никогаш нема да си дозволат нешто да ја наруши таа уникатна врска.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.