Идентични близначки кои речиси истовремено стапија во брак, родија деца и станаа вдовици, заедно го прославија 100-тиот роденден.
Норма и Едит живеат заедно во мобилен дом во Флорида и се многу популарни во нивното место на живеење. Во декември, тие покрај нивното големо семејство прославија еден век живот.
„На луѓето им е мило што сè уште сме заедно. Правевме сè заедно од денот кога се родивме“ – велат сестрите.
Близначките се родија во 1921 година. Кога имале 13 години, нивниот татко ја напуштил мајка им и заминал со друга жена. Нивната мајка морала да работи во фабрика за чевли за да ги плати сметките.
„Кога тој се разведе од нашата мајка, другите деца бегаа од нас како да имаме некаква болест. Се сметаше за скандал“ – рекле сестрите.
Тоа бил момент кога тие одлучиле дека не им требаат другите деца за да се забавуваат и започнале да си создаваат нивни игри. „Не ни беше лесно, но многу се забавувавме“ – рекла Едит.
Единствен период кога тие живееле одделено бил кога стапиле во брак во 1943 година. Но, и тогаш, тие секогаш биле таму една за друга.
„Еди секогаш беше покрај мене кога ми требаше, а јас секогаш бев покрај неа. Кога ќе се разболев, Еди некако го знаеше тоа. Секогаш ми се јавуваше или ќе дојдеше да провери дали сум добро“ – рекла Норма.
Двете сестри ги изгубиле сопрузите во 1994 година и во 1995 година се преселиле во Флорида за да живеат заедно. Тие тврдат дека тајната на долговечноста е да се живее чист живот, без пиење и пушење.
„Ќе направам сè за неа. Таа ми е сè“ – рекла Едит, додавајќи дека е сигурна дека двете заедно ќе го напуштат овој свет.
„Не можеме да бидеме една без друга. Дојдовме заедно. Ќе си одиме заедно“ – рекла таа.