Средношколци од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје му подадоа рака на старо лице кое со децении живее без кров на главата.
Веста за љубезниот гест на учениците ја сподели нивната професорка Валентина Панџарова, а таа наиде на лавина позитивни реакции. На Facebook таа објасни дека децата и друг пат му имале давано храна на дедо Исмаил, но овој пат отидоа подалеку и му подарија облека и го одведоа на бричење и потстрижување во најблиската берберница.
Дедо Исмаил е 38 години бездомник. Одамна го гледаме на ќошот на Гимназија Никола Карев, седнат, полуслеп, истоштен... во придружба на кучето, па и тоа бездомник... Одвреме-навреме децата му оставаат сендвич, кој го дели рамно на пола. Пола за него, пола за другарчето. Вчера, учениците од Карев разговараа со него за животот, за здравјето, за потребите... Скромен, вели не му треба ништо освен чист џемпер и маица. За кратко време му ги подарија. Деца се тоа, чисти, жалосливи искрени... Прашаа што може друго да сторат за него. Дедо Исмаил одвај проговори дека би сакал некогаш да се избричи. Лека, полека, колку му дозволуваат годините што му натежнале, во придружба на Каревци го однесовме до првата берберница, каде љубезниот персонал го дотера. Горда сум на вас деца, знам колку е убаво чувството кога теоријата ја оставате во училница. Делата се битни.