Пар од Онтарио го доби петтото дете, кое постави вистински рекорд во болницата во којашто се роди.
Синчето на Бритни и Шанс Ејрес дојде на овој свет со тежина од 6,577 грама и беше прогласено за најтешкото бебе во историјата на болницата Cambridge Memorial.
Среќните родители споделија фотографии и открија дека новороденчето го добило името Сони.
„Никогаш не ми требаа пелени за новороденчиња“ – изјавила мајката и дополнила дека Сони веднаш започна да носи облека за бебиња на 6-месечна возраст.
Бритни признала дека секој кој ќе ја сретнел додека била бремена мислел дека носи повеќе бебиња.
„Не ми недостига да бидам бремена. Каде и да одев, добивав прашања како: ‘Колку бебиња носиш?’. Морав да објаснувам дека не се повеќе бебиња, туку дека е само едно големо бебе“ – изјавила Бритни.
Според информациите на родителите, Сони има голем апетит и пие повеќе млеко отколку што обично му е потребно на едно новороденче.
„Сестрата ми подаде две шишенца и ми рече ‘можеби нема да го заврши второто, но обиди се’. Па, Сони ги испи двете шишиња и веднаш заспа. Кога се врати сестрата, не можеше да поверува. Таа ми рече дека едно бебе нормално пие по 20 милилитри, а Сони испи 90“ – објаснила мајката, која се породила со царски рез.
Бритни и Шанс имаат уште четири други деца: 6-годишниот Шанс, 5-годишниот Еверет, 3-годишниот Лаки и 18-месечната Мериголд.
Лаки и Мариголд исто тежеле повеќе од 5 килограми, а Еверет се родил најмал со тежина од 4 килограми.