Почетна » Новости » Занимливости » „Повеќе не треба да бришам газиња, ниту растечени носиња... Но, тие секогаш ќе имаат потреба од Мама“

„Повеќе не треба да бришам газиња, ниту растечени носиња... Но, тие секогаш ќе имаат потреба од Мама“

Мајките со носталгија се навраќаат на моментите кога нивните деца биле мали и кога ги имале покрај себе нонстоп. Од нивните зборови се чита копнеж по мирисот на бебе, по заедничките преспивања, по малечките алишта, по моментите кога тие имале потреба од Мама.

Искрен и прекрасен текст на една мајка потсетува дека родителите треба да уживаат во секој момент со нивните деца, без да жалат за моментите кои поминале.

Хедер Дилејни, мајка на три деца и креатор на блогот „Love Always, Heather“, пишува:

Хедер Дилејни

Повеќе не собирам училишни униформи.

Повеќе не бришам малечки газиња, ниту пак растечени носиња.

Нема кого да дојам пред спиење.

А кога некој од нив ќе се разбуди во 3 часот наутро, не ме вика веќе. Сега само ќе го погледнат часовникот, ќе сфатат дека имаат уште неколку часови за спиење до утрото и ќе се вратат на спиење самите.

Не се сеќавам кога последен пат ме замолија да им ги исечам шпагетите. Ниту пак се сеќавам кога последен пат некој побара од мене да дувам во супата поради страв дека е прежешка.

Кога им требат чорапи сега, одат и си наоѓаат.

А кога се гладни? Сами си земаат ужина.

Имаше многу моменти кога копнеев по овие денови... А потоа, кога се најдов во нив, со две слободни раце, а не само со една, ми требаше малку време за да се навикнам.

Срцето ме болеше за деновите кога носев дете на едниот колк, ја држев раката на другото, додека му викав на малечкото кое трчаше пред мене.

... И тагував за она што беше некогаш.

Но потоа? Потоа започнав да ја забележувам убавината околу мене на овој период од мајчинството во којшто сум.

Убавината на разговорите за целите, за соништата. Муабетењето за она што ни претстои и за сите камења по кои треба да чекориме за да стигнеме дотаму.

Убавината на муабетите за училиштето околу кујнскиот шанк. Слушањето што сè им се случило во текот на денот додека правам нешто како 58 сендвичи.

Убавината на играњето друштвени игри без да се грижам дека некое дете ќе се расплаче затоа што изгубило. (Но, сè уште работам на оваа вештина со мојот сопруг.)

Убавината кога сум прашана: „Мамо, дали ми стои убаво оваа комбинација?“, „Мамо, може да ми ги поставиш овие прашања за проверка на знаењето?“ или „Мамо, може да разговарам со тебе за она што се случи вчера?“.

Убавината на оброците. Сите седат околу масата, го јадат она што им е сервирано и зборуваат за нивниот ден. Убавината што кога ќе дојадат и ќе дозборуваат, ми кажуваат дека јадењето било превкусно додека ги собираат чиниите од масата без да им биде кажано.

...И да не ја забораваме убавината на сезоната кога една мајка ќе може да го јаде оброкот додека е топол. Благослов.

Еве што научив:

Има убавина во секој период од мајчинството.

Само треба да престанеш да тажиш за периодот кој поминал и да започнеш да обрнуваш внимание на оној во којшто се наоѓаш.

Еве што друго научив:

Ним секогаш ќе им си потребна, Мамичке. Секогаш.

Само на различен начин, тоа е сè.

Хедер Дилејни Хедер Дилејни

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.