Почетна » Новости » Занимливости » „Лекции кои ги научив во првите 10 години од мајчинството“

„Лекции кои ги научив во првите 10 години од мајчинството“

Кери Флетли напиша текст со научените лекции во првите десет години од мајчинството.

Популарната авторка сака да им пренесе на новите мајки сè што посакувала да знае кога ја добила улогата на мајка и кога во главата имала повеќе прашања од одговори. .

Мајка

Дозволи да блесне нивната индивидуалност. Детето коешто го имаш е уникатно. Ти треба да откриеш каква личност е, не да се обидуваш да го оформиш во она што мислиш дека треба да биде. Дозволи му да биде слободно и да се открие себеси, особено да биде ослободено од твоите очекувања. Така ќе се издигне многу повисоко отколку ако се обидеш да го насочиш онаму каде што сметаш дека треба да оди.

Зборувај помалку, слушај повеќе. Децата копнеат да бидат слушнати и разбрани. Активното слушање на децата може да биде магично. Совладај ја оваа вештина и обиди се да ја користиш кога е возможно. Да, понекогаш ќе заборавиш да ја користиш и тоа е ОК. Само обиди се повеќе да ја користиш отколку што ќе забораваш.

Децата ги поместуваат границите. Помири се дека децата ќе те предизвикаат. Ќе се расправаат, ќе врескаат и понекогаш ќе прават нешта кои знаат дека не би требало да ги прават. Тоа е начинот на којшто учат. Обиди се да не го сфаќаш како навреда. Не е ништо лично. Навистина, не е.

Децата не се умислено непослушни. Дисциплинирањето на твоите деца ќе биде многу полесно кога ќе сфатиш дека тие не сакаат да те нервираат. Децата се непослушни кога се гладни, изморени, збунети за светот околу себе или чувствуваат неповрзаност со тебе. Не е секогаш лесно, но ако се обидеш да го разбереш мотивот за нивното однесување и ако го решиш тоа, однесувањето ќе се промени.

Не се нервирај поради ситници. Сериозно, немој. Правењето совршена роденденска торта, одржувањето на перфектно чист и организиран дом, пристигнувањето на настаните навреме (и нервозите дека децата те задоцниле) – на долг рок ништо од ова не е важно. Времето е драгоцено. Не го троши во измачување со нешта кои ќе ги заборавиш по неколку месеци. Особено не дозволувај овие нешта да создадат пукнатини во вашите односи.

Стреми се кон „ДА“. Престани да се обидуваш да ги ограничиш децата. Едноставно престани. Стреми се да велиш „Да“ на повеќето нешта. Како на пример на копањето во кал или на носењето костим за капење врз пижамите или на ставањето сенф и сирење на лебот. Децата истражуваат и тестираат. Тоа е она што го прават. Велењето „Не“ ја ограничува нивната љубопитност. Зачувај го „Не“ за нештата кои се важни. Како на пример трчањето кон прометна улица или играњето со кибрит.

Најчесто „помалку е повеќе“. Да, поминувај време со децата, но дај им ѝ простор за да се досадуваат. Неверојатно е што сè може да им текне на децата кога ќе имаат време за фантазирање и истражување. Исто како тебе, децата имаат потреба од време за себе. Тоа им помага да ги наполнат батериите и повторно да се соочат со светот.

Децата постојано се менуваат. Остани фокусирана на големата слика. Растењето и созревањето одземаат време и се спорадични. Разбери дека секое дете следи сопствена временска рамка и најважно од сè е да не навлегуваш во споредби. Детето што е пред ќерка ти денес може да биде зад неа по една година и обратно. Секое дете е уникатно. Увери се дека и ќерка ти го разбира ова.

Олабави, децата се издржливи. Загрижена си дека ја повреди твојата 4-годишна ќерка во оној натпревар на надвикување? Таа веќе го заборави тоа. Не ја оштети засекогаш. Особено ако добрите моменти се повеќе од лошите.

Ќе спиеш повторно. Можеби не утре или задутре, но ќе спиеш повторно. Цела вечер. Знам дека сега не ми веруваш, но ќе се случи... Еден ден.

Биди внимателна со времето кое го имаш за семејството. Сите тие роденденски забави на кои се поканети твоите деца? Залудно потрошено време. Присуствувај на забавите на твоите најблиски. Прескокни ги другите. И не полудувај со активности. Ослободи си време кога е тоа возможно. Имаш само 624 викенди пред твоето дете да наполни 11 години. Искористи ги максимално.

Однесувај се со твоите деца на начинот на кој сакаш да се однесуваат кон тебе. Запрашај се дали би сакала да бидеш искарана ако случајно го истуриш млекото? Ако ти се спие и ако си налутена, дали би сакала да те стават во ќош? Знам дека веќе го знаеш ова, но никогаш не ги лажи децата. Децата ќе се однесуваат со почит кон тебе сè додека и ти ги почитуваш.

Гушкај ги и бакнувај ги во секоја можна прилика. Кога децата ќе пораснат, прегратките ќе станат реткост, а бакнежите речиси и нема да постојат. Тие сè уште ќе сакаат да им ги подаруваш, но не очекувај самоволно да ти ги дадат. Барем не толку често. Користи ја блискоста додека можеш.

Ќе ти недостигаат овие времиња кога ќе ги нема. Знам дека е исцрпувачко да се будиш во 5 часот наутро со четиригодишник кој ти лежи на десната рака. Но, верувај ми ќе ти недостига тоа. Ќе ти недостига и да те викнат да седнеш на креветот покрај нив кога ќе си легнуваат или да им го галиш грпчето кога нема да можат да заспијат. Сите тие нешта те зближуваат со нив. Запомни дека за сè има последен пат. Никогаш не знаеш кога ќе биде последен пат.

Ова се советите од првите 10 години. Да видиме што ќе ни донесат следните 10.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.