Принцот Хари ѝ предложи брак на својата девојка Меган Маркл. 33-годишниот претставник на британското кралско семејство и 36-годишната холивудска актерка ќе стапат во брак следната пролет.
Среќната вест беше објавена преку официјално соопштение од Кенсингтонската палата на Twitter.
The Prince of Wales has announced the engagement of Prince Harry and Ms. Meghan Markle. pic.twitter.com/rtlAnFCWTf
— Kensington Palace (@KensingtonRoyal) November 27, 2017
Својата врска со Меган, Хари ја откри пред јавноста во ноември минатата година, преку соопштение во кое побара да запре „бранот од навреди и малтретирање“ кон неа.
Откако во јавноста протече информација за нивната врска, Меган постојано е следена од новинари и фоторепортери, непрекинато е мета на оцрнувачки коментари и навреди, а неретко се пласираат во таблоидите и лажни стории за неа.
„Неговата девојка, Меган Маркл, е мета на бран од навреди и малтретирање. Некои од нив се јавни – оцрнување на насловната страница на национален весник, прикриен расизам во колумни и отворен сексизам и расизам од троловите на социјалните мрежи и во коментарите на статиите на интернет. Некои од нив се скриени од јавноста – ноќните правни битки за да се спречи печатење на клевети во весниците, борбите на нејзината мајка да мине меѓу новинари и фотографи за да стигне до својата влезна врата, обидите на новинари и фотографи незаконски да пристапат до нејзиниот дом и повиците кон полицијата кои следат, обидите на весниците да го поткупат нејзиниот поранешен партнер, бомбардирањето на секој пријател, колега и сакан во нејзиниот живот“ – стоеше во соопштението на Хари.
„Многу сме возбудени за Хари и Меган. Прекрасно беше што ја запознавме Меган и што видовме колку се среќни таа и Хари заедно“ – стои во порака од принцот Вилијам и војвотката Кетрин.