Запознајте ги најстарите идентични близначки на светот, Гленис Томас и Флоренс Дејвис, кои во текот на своите 103 години живот никогаш не биле долго време разделени една од друга. Нивната љубов и силна поврзаност ниту малку не се променила со годините.
Долговечните сестри се родени на 22 ноември 1911 година во селото Абертридвр во Јужен Велс. Гленис и Флоренс заедно преживеале две светски војни, но во ниту еден момент не ја напуштиле својата татковина и цврсто стоеле една покрај друга.
Ќерката на Гленис, Гвенда, смета дека тајната за долгиот живот на нејзината мајка и на тетка ѝ е во тивкиот и мирен живот кој го воделе и во малите задоволства. „Тие живеат едноставен живот. Ниту мајка ми, ниту тетка ми не умеат да возат. Тие никогаш немаат излезено надвор од земјата, но секогаш биле најсреќни заедно“ – рекла таа во интервју за The Daily Mail.
Кога биле млади, близначките воделе многу чесен и религиозен живот, а заработувале како куќни помошнички во домовите на богатите.
Семејниот дом прва го напуштила Гленис, која се омажила во 1932 година. Откако станало јасно дека со сопругот не можат да имаат деца, тие ја посвоиле Гвенда. Денес, Гленис е баба на 3 внуци, 9 правнуци и 1 праправнук.
Флоренс пак, се омажила две години по сестра си и родила три деца, кои подоцна ѝ го збогатиле семејното стебло со девет внуци и 12 правнуци.
Иако секоја од близначките тргнала по свој пат, тие постојано барале начини за да бидат заедно. За да биде покрај сестра си, еден ден Флоренс решила да купи куќа веднаш до домот на Гленис. „Тие живееја една покрај друга. Заедно ги растеа своите деца, одеа на шопинг, се дружеа и готвеа заедно. Тие го обожаваа добриот изглед и често купува исти аутфити“ – додала ќерката на Гленис.
Во моментов двете сестри се во Дом за стари лица поради компликации од деменција, но тие сè уште се неразделни, бидејќи се сместени во соседни соби и често се посетуваат една со друга. „Понекогаш делуваат како да се многу далеку со мислите и во најголем дел од времето не се сеќаваат на семејството. Но, тие сепак прашуваат една за друга. Нивната поврзаност е трајна и навистина долговечна“ – додала Гвенда.