Мајка на дете со срцева болест фотографира деца со посебни потреби како суперхерои за да им покаже колкава сила се крие во нив.
Рене Бергерон го започнала проектот „Superhero“ откако на нејзиниот син му била дијагностицирана ретка срцева маана и поминал низ две операции на отворено срце, бројни медицински процедури, како и поставување на туба за хранење.
Талентираната фотографка сакала нејзиниот син да расте самоуверен и покрај неговата болест, па пронашла прекрасен начин за да го постигне тоа. „И покрај неговите физички ограничувања, не сакав да се гледа себеси како слаб или неспособен. Го облеков како суперхерој и направив неколку фотографии“ – пишува таа.
„Кога го видов како позира со огромна самодоверба и сила, знаев дека сакам да ја зачувам таа слика за него. Тогаш беше премногу мал за да биде свесен за тубата за хранење или да се гледа себеси како различен од другите деца, но знаев дека тој ден ќе дојде. Фотографиите ги ставив во книга за тој секогаш да може да се гледа како силен и самоуверен“ – додава Бергерон.
Сликите многу му се допаднале на Аполо, па Рене одлучила да им помогне и на други деца да го видат суперхеројот кој се крие во нив. „Фотосесиите се бесплатни, бидејќи сакам и други деца да ја искусат истата радост од фотографиите како Аполо. Сакам да им овозможам на овие деца да се видат себеси како силни и убави индивидуи“ – објаснува Рене, која фотографира деца со физички хендикеп, но и со нарушувања кои не се видливи како аутизам.
„Многу луѓе гледаат на лицата со хендикеп како да се „помалку“ на одреден начин. Секое од овие деца е борец. Пречките кои секојдневно ги надминуваат за да се вклопат во нашиот свет нè тераат да ги гледаме како суперхерои“ – вели таа.