Луѓето многупати носат погрешни заклучоци дека мајките се запоставуваат себеси само затоа што не се дотеруваат како претходно или затоа што немаат време да тренираат за да бидат фит.
Даниел Шерман со текст им возврати на сите кои зад грбот на мајките коментираат: „Како можеше да се запостави толку?“. Целта на оваа мајка на три девојчиња е да потсети дека жените кои родиле дете имаат нови приоритети и дека нивниот различен изглед не значи дека тие се запоставиле себеси, туку дека им се посветиле целосно на нивните малечки и уживаат во моментите со нив.
„Како можеше да се запостави толку?“
„Леле, таа навистина се запоставила.“
Сум ги слушнала луѓето како ги кажуваат овие зборови со бавно нишање на главите.
Често ја слушам оваа фраза кога некоја жена ќе се здебели. Кога нејзиното стројно тело ќе добие уште еден слој. Кога ќе започне да зафаќа повеќе простор отколку што зафаќала. Кога ќе нема време за дотерување и нема да ѝ е гајле за броење калории, за вагата, за ништо од тоа.
Но, знаете што мислам јас?
Мислам дека таа не се запоставила. Всушност, го направила токму спротивното. Си дозволила да живее.
Премногу е зафатена со создавање спомени со нејзините деца, со споделување на пилешки прсти и со тешење на нивните кршливи срца, за да може да се нашминка и да си ја исфарба косата кога ќе започне да белее.
Премногу е зафатена со живеење и уживање за да си прави бескорисен притисок самата на себе. Наместо тоа, таа го има прифатено целулитот на задниот дел од бутовите, стомакот „напрскан“ со стрии и вишокот кожа како подарок од нејзините бебиња. Тие ја претставуваат силата на мајката.
Па, вистината е дека:
Таа ги запоставила грижите за нејзиниот изглед.
Ги запоставила традициите со кои израснала, но никогаш не ѝ биле прифатливи.
И, конечно, таа ги запоставила ограничувањата наметнати од општеството.
Затоа, следниот пат кога ќе слушнете „таа се запоставила“, пренасочете го погледот од нејзината хаотична пунџа и нејзините дупнати шорцеви, кон нејзиното среќно срце и знајте дека таа е слободна.
Насмевнете ѝ се, бидејќи знаете дека таа никогаш не изгледала подобро и не се чувствувала повеќе како себеси.