Заедно со останатите лидери на земјите членки на НАТО, Зоран Заев беше поканет на гости кај британскиот премиер Борис Џонсон.
Македонскиот премиер заедно со сопругата Зорица пристигна во премиерската резиденција на Даунинг Стрит 10 во Лондон од каде сподели и неколку фотографии.
„’Downing 10’ синоќа беше ширум отворена за сите лидери од земјите членки на НАТО. Премиерот Борис Џонсон покажа одлично гостопримство за сојузниците од Алијансата, создавајќи топол предбожиќен амбиент во очи важниот лидерски НАТО состанок“ – напиша Заев.
Претходно, Зоран и Зорица беа на прием кај кралицата Елизабета во Бакингемската палата, по повод одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на алијансата.
На приемот во палатата присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа разговараше со војвотката Кетрин.
„Разговор за Макдонија во НАТО во Бакингемската палата со војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон“ – напиша Шекеринска во описот на видеото од нивниот разговор.