Мајките на мали деца се растргнати помеѓу бројните обврски поврзани со домот и децата, па ретко имаат можност релаксирано да уживаат во бакнежите и прегратките на нивните малечки.
Наместо да наиде на помош и поддршка во таквите моменти, Кејти Аткинсон постојано слушала дека треба да ужива додека децата се мали и дека обврските можат да почекаат. Таквите „совети“ ѝ создавале грижа на совеста, па артистката која „создава уметност и гледа бебиња“ решила да напише текст до сите мајки кои имаат мали деца.

„Садовите можат да почекаат“, „Времето минува брзо“, „Уживај во секој момент“, „Тие се мали само еднаш“...
Колку оддалечени треба да се луѓето за да си мислат дека ние мајките не го знаеме сето ова. Дека не ги чувствуваме овие вистини длабоко во нашата срж. Дека не се трудиме со целото наше битие да бидеме присутни и благодарни и да уживаме во моментот. Дека не чувствуваме жал кога мислиме колку брзо растат нашите бебиња. Дека не посакуваме да можевме да го запреме времето или барем да го забавиме, или пак, да најдеме некој што ќе ги измие проклетите садови за ние да можеме да се гушкаме на каучот.
Да, садовите можат да почекаат некое време. Но, има алишта за перење, подови за бришење, намирници за купување, оброци за приготвување, кучиња за шетање, крајни рокови за запазување и сметки за плаќање.
О, Боже! Се разбира дека се трудиме. Се трудиме да се вклопиме во временската приказна и во прегратките и во нашето присуство и во трпението кое ни е преостанато. Функционираме со ладно кафе и мајчинска грижа на совест и се обидуваме да врземе крај со крај.
Онаму каде што треба да наидеме на подадена рака и систем за поддршка, добиваме коментари дека треба да го „благословиме нередот“, бидејќи времето минува брзо.
Да, драга мамичке, укради прегратка кога ќе ти се пружи шанса. Укради дремка. Искисни ги садовите. Испери ја облеката двапати ако е потребно. Но, не го проголтувај чувството на грижа на совеста дека не си била доволно присутна или дека дозволуваш времето да летне додека се обидуваш да врзеш крај со крај.
Носиш голема тежина на грбот. Не мора да се преправаш дека е лесно.