Елен Деџенерис продолжува да шири радост и добрина непосредно пред празниците. Во рамките на „Greatest Night Of Giveaways“, кое ќе трае три дена, славната водителка усреќи многу лица кои најмногу имаат потреба од помош.
Меѓу нив беше и Рико, момче кое од мали нозе морало да работи за да ѝ помогне на самохраната мајка да ги плати сметките. Неговата животна приказна ги трогна и Елен и актерот Стерлинг К. Браун, кои му подадоа рака и му измамија солзи-радосници.
Работа на трудољубивото момче е да врти знаци пред продавници за да привлекува муштерии во нив. Тој мора да пешачи или да се вози со автобус до работното место, а тоа честопати му одзема неколку часа од денот. Рико отсекогаш сонувал да има свој автомобил, а Елен му го оствари тој сон.
„Првоначално започнав да вртам знаци за да ѝ помогнам на мајка ми да ги плати сметките. Во еден момент, со мајка ми бевме без дом и спиевме со автомобил. Ќе ги спуштевме седиштата и легнувавме во багажникот, а се туширавме во фитнес сала. Мајка ми се обидуваше да го направи забавно, нарекувајќи го ‘кампинг’. Помина првиот ден, па вториот, осумнаесеттиот, триесеттиот... Почувствував дека тоа е повеќе од кампување, дека живееме тука. Беше многу тешко, сакаш да бидеш дете, а во истото време мораш да работиш како возрасен“ – вели Рико во видеото.
Погледнете го моментот кога Стерлинг ќе го одведе Рико во автоцентар и ќе му открие дека може да избере кој било автомобил како подарок.
Рико доби и 150.000 долари од хуманата водителка и нејзините партнери.