Девојка сподели фотографии од неочекуваниот роденденски подарок од својот дедо и разнежни стотици илјади срца на интернет.
Имено, за 16-тиот роденден на Лорен Бленк, нејзиниот сакан дедо Рон ѝ подарил три тетратки испишани со заеднички спомени од моменти од нејзиното детство како посета на зоолошка градина и летање змејови. Рон уредно ја запишувал секоја заедничка авантура во периодот кога Лорен имала меѓу 2 и 5 години.
Изненадувањето било особено драго, бидејќи Лорен воопшто не знаела дека тие тетратки постојат.
„Бев во шок и дури не можев ни да плачам на почетокот. Потоа го видов целото мое семејство како плаче и сфатив дека ова е подарок кој се добива еднаш во животот“ – рекла таа.
Среќната девојка сподели фотографии од подарокот на својот профил на Twitter, каде наиде на позитивни реакции. Многумина коментираа дека гестот на дедото ги расплакал, додека други напишаа дека идејата ги инспирирала да го направат истото.
„Денес, за мојот роденден, дедо ми ми даде 3 тетратки полни со приказни за секој пат кога се дружеше со мене од 2 до 5-годишна возраст. Останав без зборови“ – напиша таа.
Подоцна, во интервју Лорен објасни дека дедо ѝ е многу важна личност за неа и дека таа пораснала со него.
„Тој постојано беше покрај мене и е една од највлијателните личности во мојот живот. Тетратките се полни со секојдневни нешта кои ги правевме. Често одевме во зоолошка градина и летавме змејови. Низ тетратките тој ми дава и совети. Тој чекаше толку долго за да ми ги даде, бидејќи сакаше да ги разберам и да ги ценам моментите кои ги имавме заедно кога бев мала“ – изјавила Лорен.
„Навистина сметам дека никогаш нема да добијам поскапоцен подарок од овој“ – додала таа.