Кејси Хилт со емотивен текст потсетува дек мајчинството има прекрасни моменти кои мајките не сакаат никогаш да ги заборават.
Популарната блогерка, која се претставува како личност која се справува со родителството со сарказам, вино и хеланки, пишува:
Додека седам и те гледам како спиеш, се навраќам на спомените од нашите први недели заедно.
Оние недели кога во најголем дел од времето бевме само јас и ти во доцните вечерни часови и раните утра. Кога се будеше на секои два часа и те нишкав за да те заспијам, набљудувајќи ги твоите малечки гради како се подигнуваат и спуштаат со секој твој здив.
Не дозволувај да ги заборавам.
Оние времиња кога имав планини со алишта за средување и садови за миење. Кога секој сантиметар од подот беше прекриен со играчки, а вечерата чекаше да биде направена. Оние времиња кога заспиваше над мене и јас многу лесно можев да те преместам во креветче, но наместо тоа, те држев. Бидејќи знаев дека тие денови брзо ќе поминат.
Не дозволувај да ги заборавам.
Оние долги ноќи кога одбиваше да заспиеш. Кога со татко ти се будевме на секој час, обидувајќи се да те смириме. Кога шетав напред и назад од ходникот до спалната и ти пеев и шепотев на уво додека ти потонуваше во сон.
Не дозволувај да ги заборавам.
Деновите кога бев истоштена, кога чувствував дека не можам да соберам ниту капка енергија. И тогаш ти ми се насмеа за првпат и срцето за малку ќе ми експлодираше. Деновите кога телото ме болеше од умор и само сакав да седнам и да се одморам. И тогаш ти ми ги подаде дебелките рачиња и срцето ми се растопи.
Не дозволувај да го заборавам.
Начинот на кој твоите малечки прстиња ги стегаа моите додека ти заспиваше. Слатките звуци кои ги правеше во сонот. Миризбата на твоето мало главче по бањање.
Сето тоа минува брзо.
Па, вечерва го молам Бог да не дозволи да заборавам.