Бездомен маж стана вирален хит на социјалните мрежи откако беше снимен како му прави мини роденденска забава на неговото куче на скали во парк во Колумбија.
Во видеото, маж по име Чоко им става роденденски капи на двете кучиња Шаги и Нена, потоа вади торта и започнува да им пее „Среќен роденден“. Следуваат бакнежи, јадење од тортата и посакување желба.
Личноста којашто го сними видеото потоа му пријдела на Чоко и дознала повеќе за неговиот живот, а приказната за него ја сподели на социјалните мрежи.
Чоко избегал од својот дом полн со насилство и пронашол утеха во кучињата Шаги и Нена. Тие му станаа ново семејство.
Животот на грижливиот маж се променил по објавувањето на видеото. Многу луѓе изразиле желба да му помогнат и донирале храна, пари, па дури и нов телефон.
„Кучето ќе те научи што е безусловна љубов. Ако можеш да го имаш тоа во твојот живот, нештата нема да бидат толку лоши“ – вели Чоко.
Тоа било само почеток. По стекнувањето популарност, Чоко создал свој Instagram профил каде сега објавува фотографии со своите најдобри пријатели Шаги и Нена и има 180 илјади следбеници.
Во видеото, Чоко го славел четвртиот роденден на Шаги, а Нена во ноември ќе наполни 11 години. Тој планира да отвори засолниште за животни во иднина.
Да, роденденските желби понекогаш навистина се остваруваат.