Понекогаш најмалите меѓу нас имаат најголемо срце и помагаат без да бараат ништо за возврат.
Таков е случајот со Павел Абрамов од Русија, кој со својот талент за цртање секојдневно им помага на бездомни животни згрижени во засолниште. 9-годишното момче ги заменува своите прекрасни цртежи за храна, опрема и лекови за кучињата сместени во единствениот стационар во неговиот град Арзамас. Во моментов, таму има повеќе од 100 кучиња.
Павел и неговата мајка Екатерина ја започнаа хуманата мисија за помош на животните откако го изгубиле семејниот миленик. Идејата била на Павел, кој не можел да ги игнорира кучињата скитници на улица, а Екатерина му помага да ја реализира.
Тие имаат група наречена „На што е способен еден мал волонтер?“ преку која ги наоѓаат своите клиенти кои сакаат да имаат цртеж од нивниот миленик. Користејќи фотографија, Павел го слика животното на хартија, а потоа му го „продава“ своето дело на сопственикот.
Работата на Павел не е ограничена само на Русија. Тој има и „купувачи“ од Германија и Шпанија.
„Нашето семејство се гордее со неговиот прекрасен проект. Неговите денови се испланирани до минута, сака да прави апсолутно сè, но нема доволно време“ – рекла мајка му, која открила дека Павел сака да биде архитект кога ќе порасне и дека сака да создаде свое засолниште за животни.