Џастин Кивит е 12-годишен борач кој намерно изгуби меч, но затоа пак ги освои срцата на сите што ја гледаа неговата борба со Џаред Стивенс, кој страда од церебрална парализа.
Уште повеќе ќе ви се растопи срцето ако знаете дека двете момчиња се запознале непосредно пред борбата, кога се поздравиле со ракување пред почетокот на мечот.
Видеото од мечот стана вистински хит на Facebook и досега има речиси 100.000 споделувања.
Иако физички се соочува со огромни пречки, Џаред редовно тренира со своите врсници. Кога пројавил желба да учествува во натпревар, неговиот тренер, Клеј Мејес, го повикал својот пријател Ренди Стивенс, тренер во друго основно училиште, и побарал од него да му го посочи детето со најљубезно срце. Избраникот бил Џастин.
Џастин се запознал со Џаред неколку секунди пред мечот. Неговата добродушна и спортска постапка била спонтана. „За првпат го сретна Џаред кога се ракуваше со него пред мечот. Тоа навистина беше спонтано. Тие само го избраа тоа дете. Тој заврши неверојатна работа. Нема многу возрасни кои спокојно би ставиле рака на дете со инвалидитет, а камоли седмоодделенец“ – изјавил таткото на Џаред за противникот на неговиот син.