Краткиот филм „Blind Devotion“ се фокусира на моќта на безусловната љубов и нè потсетува дека љубовта најмногу се покажува преку дела и тоа во моментите кога животот ни фрла в лице огромни пречки.
Во 9-минутното видео е прикажан среќниот живот на млад брачен пар – љубовта, посветеноста и секојдневните ритуали. Но, одеднаш сè се менува, бидејќи на сопругата Сесилија ѝ е соопштено дека го губи видот. Таа повеќе не го буди сопругот Луи со страст во очите, не умее да го подготви неговиот омилен појадок, не може правилно да се грижи за неговата облека... Сесилија дури помислува дека му е товар на Луи и дека неговиот живот би бил подобар со некоја друга.
Но, Луи во ниту еден момент не се колеба во својата љубов. Тој безрезервно ѝ ја дава на саканата својата поддршка и помош, и покрај тоа што таа разочарано го оттурнува од себе.
Иако Сесилија ослепува, таа продолжува да ги извршува истите обврски, но не знае дека има таен помошник кој ја следи насекаде, кој ѝ го олеснува животот и ја заштитува.
Емотивниот филм е создаден од Jubilee Project, организација која промовира инспиративни видеа. Режиран е од Едвард Јанг Ли, а главните улоги ги толкуваат Меј Меланкон и Џун Ким.
„Blind Devotion“ е снимен во партнерство со пасторот Франсис Чин. Сите приходи од продажбата на новата книга на Чин ќе бидат наменети за потпомагање на борбата со сиромаштијата во Африка.