Фотографка одлучи да ја документира својата борба со неплодноста за да им покаже на оние кои минуваат низ истото дека не се сами и дека чекањето вреди. Со брутално искрени фотографии, таа прикажува низ што сè минуваат жените за да станат мајки. Нејзиниот фотосеријал #worththewait е еден од серијата кои таа ќе ги создава со други жени кои се соочиле со неплодност.
Аманда Нор во моментов е во 39. недела од бременоста, која е резултат на ин витро оплодување.
Талентираната фотографка само еднаш забременила по природен пат, но за жал, се покажало дека бременоста е ектопична и дека ембрионот е имплантиран во нејзиниот десен јајник.
По операцијата, Аманда и нејзиниот сопруг добиле дијагноза „необјаснета неплодност“ и одлучиле да се обидат да добијат бебе со инсеминација. „Направивме 4 инсеминации, 4 обиди, 4 месеци на инсеминација, секојпат со поагресивни лекарства. За жал, сите беа неуспешни. Најфрустрирачкиот дел во сето ова е што нашата дијагноза беше необјаснета неплодност. Докторите не можеа да најдат ниту едно нешто што не беше во ред кај мене или кај мојот сопруг, на хартија, двајцата изгледавме совршено“
Аманда вели дека неплодноста е многу почеста одошто луѓето си мислат, но дека некои жени вешто го кријат своето страдање и својата борба, бидејќи не сакаат да зборуваат за тоа.
„Случаите со неплодност се многу чести, а сепак никој не зборува за тоа. Неплодноста е неверојатен и емоционален ролеркостер. Ти дава чувство на изолираност. Ти дава чувство на неправедност. Ти дава чувство дека Мајката природа и твоето тело те изневеруваат. Скапа е. Болна е. Полна е со стравови, а паровите молчаливо страдаат.“
„Имав голема желба да го скршам табуто што не се разговара за фактот дека понекогаш паровите и жените одат во пеколот и назад за да забременат и да ја задржат бременоста. Сè што гледаме е прекрасно трудничко стомаче и се топиме на малите бебешки чорапчиња и на миризбата на бебешкото главче откако тоа ќе се роди. Но, зад сцената има години полни со солзи, лекарства, инјекции, посети на доктор, тестови, третмани, и уште солзи.“
„Како фотографка на новороденчиња и семејства, мојата работа е полна со раскажување на приказни. Одлучив да ја документирам и споделам нашата приказна, бидејќи сакав другите да знаат дека не се сами. Ова патување на кое сме јас и мојот сопруг е нашата приказна. Тоа е приказна за тоа како некој ден ние ќе станеме родители.“
По неуспешните инсеминации, парот одлучил да помине низ постапка за вонтелесно оплодување, која била скапа, болна и измачувачка.
Аманда вели дека имала прекрасен медицински тим кој се погрижил за таа да си ја исполни големата желба да стане мајка. Таа раскажува за случка кога се пошегувала со медицинската сестра за тоа колку е голем нејзиниот медицински картон, а сестрата ѝ рекла: „Јас не ги нарекувам овие картони. Ги нарекувам приказни. Бидејќи приказните секогаш имаат среќен крај“.
„Не можам ни да замислам да минував низ сè што правевме без оваа жена-светица“ – вели Аманда.
По извлекувањето на јајце клетките и генетските тестирања, на парот им останале 4 нормални замрзнати ембриони подготвени за трансфер.
„Процесот на подготовка за трансфер на замрзнати ембриони е еднакво ненормален колку и процесот за извлекување на јајце клетките, но на поинаков начин. Тоа е режим од ампули, вагинални супозитории и интрамускулни инјекции. Под интрамускулни инјекции мислам на игли од 6 см кои одат во твојот задник. Секоја вечер“ – пишува таа.
На 10 ноември Аманда ја направи процедурата за трансфер на замрзнатите јајце клетки, а 12 дена подоцна ја доби веста која со години чекаше да ја слушне. Дека е бремена.
Аманда во секој момент очекува да му посака добредојде на овој свет на своето бебенце.
„Знам дека не сум сама. Знам дека многу жени поминуваат низ истото, само што не се зборува за тоа. Но, сметам дека треба да се зборуваа за оваа страна од неплодноста“ – вели таа.
„Она што со сигурност можам да го кажам е дека ова бебе што расте во мене во моментов... вредеше да се чека“ – додава Аманда.