Неплодноста е дел од животот на многу парови. Борбата со неа е макотрпна, емотивна, исцрпувачка и скапа, а Шејна Тол многу добро го знае тоа.
Шејна и нејзиниот сопруг Лејн три години се обидувале да добијат бебе пред да успеат. Бидејќи Лејн постојано бил покрај неа и ја охрабрувал, таа сакала да му ја соопшти среќната вест со специјална фотосесија.
Фотографиите од соопштувањето на веста се полни со позитивни емоции.
Парот се обидувал да зачне вкупно 1.129 дена, а пречка за тоа биле полицистичните јајници на Шејна.
„Отсекогаш сакав да бидам мајка, уште откако бев мало девојче. Секогаш велев дека кога ќе пораснам, ќе бидам мајка, ништо друго, само мајка. Не докторка, ниту учителка, само мајка. Па, кога ќе го слушнете зборот неплодност и навистина ќе разберете што значи, тоа е тежок удар.“
„Мојата докторка ми дијагностицираше Синдром на полицистични јајаници. Ми објасни дека ќе биде екстремно тешко да забременам. Се скршив во таа ладна соба за испитувања. Единственото нешто што ми се вртеше во главата беше: ‘Не можам. Не можам да имам деца. Никогаш нема да бидам мајка. Не можам да бидам жената на која смета овој неверојатен маж.’ Чувството во тој момент беше неописливо. Откако му објаснив на Лејн што се случи, тој ми рече: ‘Не грижи се душо, сè ќе биде во ред. Ќе бидеш мајка. Ќе забремениш.’ Срцето ме болеше за Лејн, бидејќи знаев дека тој сака да стане татко исто толку многу колку што јас сакав да станам мајка“ – пишува среќната трудница во свој текст.
По препорака на лекар, Шејна и Лејн започнале да примаат терапија. Поминале месеци во неуспешни обиди за зачнување пред да дојде роденденот на Шејна, кога сопругот ја изненадил со крстарење.
„Лејн знаеше дека крстарењата ми се омилени! Резервира безбедно патување и ние навистина добивме можност да си поминеме убаво. Пиевме, танцувавме, се сончавме и јадевме МНОГУ храна! Се чувствувавме повторно како деца. Ми требаше ова, ми требаше да се почувствувам жива повторно. Лејн секогаш знаеше како да ме расположи и ова беше тоа. Како младенци, се колнете дека ќе се сакате и ќе се грижите еден за друг додека смртта не ве раздели, а тоа е токму она што тој го правеше.“
„Четири месеци подоцна со кутија полна со негативни тестови, БЕВ БРЕМЕНА! Јас и мојот сопруг успеавме! Отсекогаш сакав да го изненадам Лејн со неверојатна вест, но не мислев дека ќе успеам. Ја викнав нашата фотографка и ѝ ја кажав среќната вест, а таа го направи ова.“
„Срцето брзо ми чукаше од возбуда. Откако Лејн се сврти, реакцијата беше многу повеќе одошто се надевав. Беше бесценето.“
„Спомените кои таа ги овековечи со реакцијата на Лејн, ќе бидат наши засекогаш! Скапоцениот момент што со години го чекавме“ – напиша Шејна.