Сестрички од Индија, кои беа предебели за да се движат сами, ги направија првите чекори. 5-годишната Јогита и 3-годишната Амиша до пред три месеци тежеле 47 и 33,5 килограми соодветно, но благодарение на строга диета препишана од докторите, успеале да намалат по 6 килограми од својата тежина.
Фотографиите од нивните први чекори го обиколија светот.
Животната сторија за двете сестрички и нивниот 18-месечен брат Харш, кој исто така страда од прекумерна тежина, ја допре светската јавност пред неколку месеци. Тогаш, таткото на децата Рамешбаи изјави дека е подготвен да продаде бубрег за да ги плати трошоците за лекување на ќерките и синот. Рамешбаи заработува само 35 фунти месечно и сите ги троши за храна за своите деца.
Пред да ослабат, Јогита, Амиша и Харш се вбројувале меѓу најдебелите деца на светот, а храната која ја јаделе за една седмица била доволна за да се прехранат две семејства цел месец. Само за еден ден, сестричките Јогита и Амиша консумирале 18 чапати (индиски лепчиња), речиси 1,5 кг ориз, две чинии супа, 6 пакувања чипс, 5 пакувања бисквити, 12 банани и еден литар млеко.
И покрај огромното количество храна кое го внесувале, Рамешбаи и неговата сопруга сфатиле дека ќеркичките имаат здравствен проблем откако им се родило третото дете Харш. Исто како и неговите сестри, Харш започнал нагло да се дебелее во првата година од животот.
„Започнавме да бараме лекарска помош и консултиравме многу доктори, но тие само ќе нè препратеа во поголеми болници кои не можев да си ги дозволам“ – рекол таткото, кој работи сè што ќе најде само за да ги прехрани своите деца, додека неговата сопруга го минува денот во готвење.
Сега, семејството конечно може малку да здивне, бидејќи нивните деца одлично напредуваат. Локалните доктори сметаат дека тие страдаат од Прадер-Вили синдром, кој е виновен за константното чувство на глад.