Малата Лирик е едно од најмалите предвреме родени бебиња кое успеало да се избори за живот.
Таа се роди во 22-рата недела од бременоста и тежела само 480 грама. Нејзината сестра близначка, за жал, не преживеала, а докторите ѝ давале само 10% шанси за преживување и на Лирик. Но, желбата за живот на бебенцето била преголема и тоа успеало да ги надмине сите предизвици. По шест месеци поминати во Одделот за неонатална интензивна нега, Лирик си замина дома кај своите родители и сега одлично напредува.
За да им се заблагодари на сите кои ги поддржуваа во изминатиот период, нејзината мајка Лура сподели фотографии „пред и потоа“ на кои Лирик е покрај куклата која ја добило во Одделот за неонатална интензивна нега. Фотографиите топлат срца и шират надеж.
Тешко е да се види на фотографиите, но кога Лирик ја доби оваа кукла како подарок од нејзините ангели од Одделот за неонатална интензивна нега, таа беше помала од куклата. Но, јас успеав да направам фотографија од неа покрај куклата откако таа ја достигна истата должина, на 3-месечна возраст. Овој мал воин помина низ пекол за да стигне онаму каде што е сега и не можам да бидам погорда и поблагодарна за нашето чудо.
Поминавме 6 месеци во Одделот за интензивна нега. Видовме МНОГУ нешта додека бевме секој ден таму. Видовме бебиња како доаѓаат и заминуваат, навивавме за нив додека трпеливо чекавме да дојде нашиот ден. Видовме бебиња кои никогаш не го дочекаа денот за да си заминат дома, а мојата слатка Кали беше едно од нив...
Не поминува ни еден ден да не помислам на неа и на сите други бебиња кои прерано заминаа. Никогаш нема да земам здраво за готово колку е ретко бебе родено во 22-рата недела да си замине дома, а уште поретко е тоа да биде без кислород или туба за хранење. Му се заблагодарувам на Бог секој ден што ја имаме нашата принцеза-воин!
Лура открила дека е бремена во март минатата година, а на првиот преглед дознала дека ќе има близначиња. Првите контракции, таа ги добила во 20-тата недела од бременоста, но помислила дека станува збор за лажни контракции.
По неколку дена, контракциите се влошиле и таа итно отишла на преглед, каде ѝ кажале дека породувањето започнало и дека ќе прими лекарство за да се прекине тој процес.
„Докторот ни рече дека во болницата не ги оживуваат бебињата ако се родат пред 24-тата недела. Тој рече да се збогувам со бебињата ако се породам тој ден, бидејќи тие немаат можност да се грижат за толку мали бебиња. Беше како кошмар“ – рекла Лура.
Лура и сопругот Ерик одлучиле да одат во блиска болница со понапредна опрема. Таа ги родила близначките еден час подоцна.
Нејзината ќерка Кали починала два дена подоцна, а Лирик се изборила за живот.
„Ме вознемирува што многу болници не ги оживуваат бебињата на таа возраст кога е апсолутно возможно бебето да преживее. Лирик е пример за тоа. Затоа сакав да ја споделам нејзината приказна. Лирик е инспирација за мене и за многу други луѓе“ – рекла мајката.