Аника беше успешно оперирана.
Срцето на бебенцето, за кое во јуни беа собрани повеќе од 1,8 милиони денари, е успешно поправено. Среќната вест за 7-месечното девојче ја објавија од Ecrowd, каде пред два месеци беше објавен апелот за помош.
„Драги наши голем поздрав од Аника, нејзиното срценце е успешно поправено! Радувајте се и бидете среќни и горди сите Вие кои помогнавте. Само што добивме инфо од мајката на Аника, малото ангелче добро закрепнува по успешно изведената операција“ – стои во постот со фотографија објавена со дозвола на мајката.
Малата Аника уште од самото раѓање се соочуваше со здравствени проблеми како резултат на вентрикуларен септален дефект.
„Тоа е вродена срцева мана каде доаѓа до мешање на крвта во коморите на срцето и симптомите за жал најчесто се појавуваат во почетните месеци од животот што е и случај кај малата Аника. Бледилото, бавниот раст, лесното заморување, забрзаното дишење се само еден мал дел од симптомите со кои се соочуваше малата Аника. Оваа интервенција гарантира нормализирање на состојбата, целосно стабилизирање на состојбата и нов нормален живот за малата Аника“ – стоеше во апелот со цел да се соберат 25 илјади евра.