Жена целосно си го промени и телото и животот откако дозна дека сопругот ја изневерува.
Кристен Ејсбет од Австралија ја намали својата тежина за 35 килограми и освои прво место на бодибилдинг натпревар по нејзиниот развод. Таа е доказ дека ако се сака, сè се може.
„Моето патување не е само за слабеење. Споделувам со цел другите да знаат дека можат да се променат“ – вели таа.
Трансформацијата на инспиративната Австралијка започнала пред 4 години. Додека со тогашниот сопруг се обидувале да добијат бебе, таа открила дека тој ја изневерува. Веднаш побарала од него да го напушти нивниот дом, а по разделбата, западнала во депресија.
„Никогаш не забележав колку многу се здебелив, колку бев несреќна и колку зависна станав од само една личност со којашто мислев дека ќе го поминам остатокот од својот живот. Мојот живот се состоеше од тоа да го чекам него, никогаш не поминував време со моите пријатели и семејството и никогаш не се фокусирав на себеси.“
„Кога се соочив со едно од најтешките искуства во мојот живот, донесов тешки одлуки и научив како повторно да се сакам себеси. Кога бев млада, секогаш бев многу среќна и друштвена личност. Бев екстремно здрава и фит, но тоа се промени. Страдав од анксиозност и честопати ја користев храната како утеха.“
„Не можев да излезам во јавност без да имам панични напади и постојано бев загрижена што ќе речат и ќе помислат луѓето за мене и за она што се случи со мојата врска“ – пишува таа на својот блог.
Откако ѝ биле дијагностицирани депресија и тешка форма на анксиозност, ѝ биле препишани лекарства кои имале непосакувани странични ефекти.
„Не сакав да се чувствувам така постојано. Затоа, си реков себеси: ‘Можам да го променам мојот живот на други начини без да земам лекарства’“ – објаснува Кристен за нејзината мотивација.
„За првпат во животот, по многу долго време, се фокусирав на мене. Почнав да вежбам и започнав да гледам резултати, повторно бев старата Кристен. Започнав да се гледам со пријателите и да комуницирам со луѓе со кои не зборував со години. Повторно си го живеев животот. Започнав да тренирам со личен тренер и да следам план со здрави оброци, па полека станував среќната девојка која што бев порано“ – вели Ејсбет.
Пред 12 месеци, таа се пријавила на првиот натпревар во бодибилдинг и ја доживеала најголемата промена во телото, намалувајќи дополнителни 13 килограми. На нејзино изненадување, завршила на првото место.
„Сметав дека ако другите можат да го постигнат тоа, можам и јас. Никогаш не беше само за слабеењето, беше само за да си докажам себеси дека можам да постигнам сè што ќе наумам“ – објаснува таа.
Во моментов, Кристен е сертифициран фитнес тренер и сака да ги инспирира другите да направат промена.
„Сакам да им помогнам на луѓето да направат промена во животот и да им покажам дека можат да се извлечат од најтемните места. Не велам дека е лесно, бидејќи е претешко. Но, можам да кажам дека е најдоброто нешто што некогаш сум го направила.“
„Менталното здравје е проблем за кој малку се зборува во светот и мораме да знаеме дека е ОК да не си ОК. Мораме да знаеме дека има начини на кои можеме да го промениме она што го чувствуваме. Животот е скапоцен и нашиот мајндсет е скапоцен“ – вели таа.