Колин Фарел го фрли превезот на приватноста и медиумскиот фокус го стави на неговиот син кој има Ангелманов синдром, за да можат заедно да им помогнат на лицата кои се соочуваат со ова нарушување.
Славниот актер проговори за животот на Џејмс, кој наскоро ќе наполни 21 година. „Сакам светот да е љубезен кон Џејмс. Сакам светот да се однесува кон него со љубезност и почит... Се гордеам со него секој ден, затоа што сметам дека тој е магија“ – вели Фарел.
Ангелмановиот синдром е генетско нарушување кое се карактеризира со тешкотии во развојот и невролошки проблеми како што се проблеми со говорот, рамнотежата и одењето, како и епилептични напади. Честото смеење е вообичаено за луѓето со Ангелманов синдром.
Во интервју за People, Колин се присети на развојот на Џејмс: „Никогаш нема да ги заборавам првите чекори. Тоа беше две недели пред неговиот четврт роденден... Никогаш нема да ја заборавам решителноста на неговото лице додека чекореше кон мене. Направи отприлика шест чекори, а јас прснав во солзи. Беше неверојатно“.
Во чест на синот, холивудската ѕвезда ја основа Фондацијата „Колин Фарел“, која ќе ги помага лицата со интелектуална попреченост преку едукација, застапување и иновативни програми.