Почетна » Новости » Животни стории » „Проверете си ги градите“: Иницијатива за борба против рак на дојка во чест на покојната докторка Марија Бунда

„Проверете си ги градите“: Иницијатива за борба против рак на дојка во чест на покојната докторка Марија Бунда

Измина повеќе од една година откако нè напушти Марија Бунда Калпак, младата докторка која до последен здив се бореше против ракот на дојка.

Марија беше личност која многумина ја паметат не само по нејзината стручност, туку и по нејзината насмевка, позитивна енергија и неверојатен дух, кој носеше ведрина, мотивација и инспирација да се пребродат дури и најтешките животни предизвици. И покрај голготата низ која поминуваше, таа секогаш умееше да најде време да се сврти кон другите - да помогне, да поддржи, да едуцира, да сподели искуства. Отворено зборуваше за својата борба со надеж дека нејзиното искуство ќе мотивира други жени да се грижат за своето здравје.

Иницијатива во чест на Марија Бунда

Во едно интервју изјави: „Ако мојата приказна ги поттикне жените на било која возраст да прават редовни прегледи, ќе сметам дека сум ја постигнала целта.“ А постигна и многу повеќе.

Ако мојата приказна ги поттикне жените на било која возраст да прават редовни прегледи, ќе сметам дека сум ја постигнала целта.
Марија Бунда

Марија неуморно ја истакнуваше важноста на превенцијата, почнувајќи од самопрегледи на дојките, па сè до специјализирани прегледи како ехо на дојки и мамографија. Преку своите едукативни објави, споделуваше корисни информации за болеста и даваше поддршка на сите кои минуваат низ истиот предизвик. Нејзината храброст и отвореност инспирира многу жени повеќе да се грижат за своето здравје и да преземат мерки за рано откривање на болеста.

Затоа, во нејзина чест и со голема гордост сакаме да ја продолжиме иницијативата што ја започна и на таков начин и понатаму да продолжи да се пренесува нејзината мисија за подигнување на свесноста за ракот на дојка.

Иницијатива во чест на Марија Бунда

Инстаграм профилот @m_checkyourboobs ќе биде платформата каде ќе се споделуваат сите активности и настани поврзани со оваа иницијатива, како и едукативна содржина за превенција na рак на дојка. Марија беше креатор на овој интересен истовремено мотивирачки слоган кој и понатаму повикува на акција.

Иницијатива во чест на Марија Бунда

Па така во пресрет на месец октомври – месецот посветен на борба против рак на дојка ќе организираме и донаторска акција. Оваа акција ќе биде активна од почеток на месец октомври и ќе трае сѐ до 3 ноември - роденденот на Марија, ден кој ќе нѐ потсетува на нејзината насмевка и ведар лик, а истовремено ќе нѐ повикува да сме активни, свесни и дејствуваме во розовиот месец октомври.

Во донаторската акција ќе може да се придонесе и учествува на повеќе начини: преку платформата ecrowd.mk каде е активна кампања за донации https://ecrowd.mk/projects/ca3cc8f4-db3b-4d44-8705-506b03d180ed, преку директни донации на трансакциската сметка од здружението кое го формиравме 210-077963230154, НЛБ банка како и со повици на телефонските броеви на Телеком 143 143 и А1 143 442.

Броеви за донации:

А1: 143 442

Телеком: 143 143

Трансакциска сметка:

210-077963230154

НЛБ банка

Со собраните средства од спроведената акција за почеток имаме две цели и тоа: првата е да се набават ваучери од Medicus help за перики, протези и други помагала кои им се неопходни на пациентките со оваа дијагноза, кои ќе бидат донирани на Клиниката за онкологија и радиотерапија, а втората цел е со собраните средства да се обезбедат бесплатни прегледи за eхо на дојки и мамографија во дел од приватните клиники.

„Целта ми е да ја издигнам свеста за навремено откривање, па така секој еден преглед што ќе го поттикнам е голема среќа за мене” - Марија.

Нејзината цел отсега е и наша цел! Оваа иницијатива не завршува тука, ќе остане активна во текот на целата година, а секој октомври ќе одржуваме традиционална донаторска акција, со надеж дека ќе се поттикне што поголема свесност за превенција на оваа болест.

Иницијатива во чест на Марија Бунда Иницијатива во чест на Марија Бунда

Отворени сме за сите предлози, идеи и придонеси од секој кој сака да се приклучи кон иницијативата и здружението кое го формиравме во чест на нашата Марија. Можете да нѐ контактирате на breastcancermk@gmail.com

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20776 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.