„Секојпат кога ќе се погледнам во огледало се чувствувам убаво“ е изјавата на Алисон Линч, 30-годишна фризерка од Филаделфија. Алисон веќе 4 години се бори со рак на дојката и со последиците што доаѓаат од лекувањето на оваа болест.
Откако ѝ била направена двојна мастектомија, Алисон ги реконструирала градите, но тоа не било доволно за повторно да се чувствува убаво во својата кожа. Решение пронашла во големите цветни тетоважи со кои ги украсила градите и ги покрила лузните.
„Тоа ми помогна да ја преболам загубата на градите и да го земам назад тоа што ми го одзеде ракот. Тоа беше повторно преземање на моето тело“ - вели Алисон. Таа отсекогаш била љубителка на тетоважите, па така не ѝ било воопшто тешко да се одлучи на толку голем чекор. Вели дека сега гледа на нив како на трајна долна облека и дека тетоважите се најдоброто нешто што го направила за себе по завршувањето на хемотерапијата.
Ракот ѝ бил дијагностициран откако самата забележала необично згрутчување. Веќе знаела дека мора редовно да ги проверува градите бидејќи и нејзината мајка претходно преживеала во битката со рак на дојката. „Плачев секој ден и конечно дојде денот кога сфатив дека треба да престанам да плачам и да се прашувам себеси ‘зошто јас?’. Пронајдов сила која не знаев дека ја имам. Сфатив дека можам да се справам со тоа, дека сум силна жена и знаете што? Поминав низ пеколот еднаш и би го направила тоа повторно“.
Хемотерапијата траела 20 недели. Контраефектите биле ужасни, па Алисон веќе не можела да работи поради мачнините, болките во целото тело, психичките кризи, губењето на косата и ноктите... Како фризерка, најтешко го поднела губењето на косата. Не сакала да чека косата да ѝ паѓа постепено. „Најголемиот страв ми беше да ги гледам испаѓаните прамени во моите раце и затоа, наместо да го чекам неизбежното, решив да преземам контрола. Одржав забава во чест на бричењето на мојата глава, веднаш пред првиот третман, а некои од моите најблиски пријатели и членови на семејството ги избричија своите глави со мене. Еден од најголемите подароци кои ги примив беше таквата поддршка“ - раскажува таа.
Алисон објаснува дека набрзо се помирила со ќелавоста, но новиот и уште потежок удар било губењето на веѓите и трепките. „Правев сѐ што можев со употреба на шминки, но продолжував да ја бричам главата два месеци откако терапијата заврши, сѐ додека косата не започна да ми расте рамномерно и без видливи ќелави места“ - раскажува Алисон. Редовно експериментирала со нови бои и фризури, иако косата уште долго ѝ била кратка. „Животот е краток, во ред е да е кратка и косата“ била нејзината тогашна филозофија.
Целото нејзино искуство со болеста и лекувањето, Алисон го сподели на социјалните мрежи. Таа е и учесник во некои кампањи посветени на жените кои се борат со рак на дојката и кои имаат потешкотии да ги прифатат своите променети тела по операциите. Алисон вели дека отсекогаш била многу отворена и затоа успеала да се поврзи со многу други жени. „Ракот не те спречува да бидеш жена. Не те спречува да бидеш секси. Жени сме и моќни сме. Понекогаш е потребна трагедија за да те направи таква личност каква што треба да бидеш“ е пораката која Алисон ја испраќа до жените кои се борат со рак на дојката.