Принцезата Шарлин повторно е исправена пред здравствен предизвик поради кој е на лекување на тајна локација во странство.
Единаесет дена по нејзиното враќање дома, по 10-месечно отсуство, таа и принцот Алберт донесоа одлука да побараат медицинска помош надвор од кралството. Поради таа причина, Шарлин ги пропушти прославите организирани по повод Националниот ден на Монако.
Фотографиите од нејзините две деца насолзија многу очи низ светот. Близнаците Габриела и Жак со цртежи ѝ испратија пораки на нивната мајка за да ѝ кажат дека ја сакаат и дека им недостасува.
#PrinceJacques and #PrincessGabriella showing their pictures for mom #PrincessCharlene.
— ChristinZ (@ChristinsQueens) November 19, 2021
Palais Princier de Monaco pic.twitter.com/5j2RT7zWRA
Во интервју за People, Алберт објаснил дека таа страда од длабока истоштеност, како емотивна така и физичка. Тој рекол дека Шарлин се чувствувала одлично во првите часови по нејзиното враќање дома, но подоцна станало јасно дека не е добро.
„Подобра е, но сè уште има потреба од одмор и мир. Таа не е во кралството, но наскоро ќе можеме да ја посетиме. Поради дискреција, не можам да споделам повеќе. Има умор, не само физички, кој може да се третира само со период на одмор и набљудување“ – рече тој за Monaco-Matin.
Тој додаде дека нивните деца, Габриела и Жак, страдаат поради отсуството на нивната мајка, но дека тој имал поголема улога во нивните животи.
„Едноставно е, за мене приоритет е моето семејство. Ова е екстремно важно време во животот на децата, начинот на кој растат им помага да го видат светот. И ако едниот родител е отсутен поради медицински причини, другиот родител мора да биде покрај нив. Сум слушал премногу пријатели како на одредена возраст велат дека посакуваат да биле повеќе со нивните деца, но биле зафатени со работата или професионалниот живот. Не сакам да ги имам овие каења“ – рече Алберт.
Алудирајќи на шпекулациите дека парот е сред брачна криза, Алберт рекол: „Веројатно ќе го повторам ова неколкупати, но ова нема никаква врска со нашата врска. Сакам тоа да биде јасно. Ова не се проблеми во нашата врска, ниту во врската меѓу еден маж и една жена. Ова е од различна природа“.
Тој додал дека нејзината состојба е резултат на повеќе фактори кои се приватна работа. „Јасно беше дека е истоштена, емоционално и физички. Таа не можеше да се соочи со официјалните должности, генерално со животот или пак со фамилијарниот живот“ – рекол тој.
Шарлин се врати во Монако на 8 ноември откако замина во Јужна Африка на почетокот од годината, каде имаше неколку операции како последица на компликации од инфекција на синусите. Поради здравствената состојба, таа не смеела да лета на висина поголема од 6.000 метри.
„Знам дека има шпекулации, па дозволете да кажам дека ова не е КОВИД. Не е поврзано со рак. Не е проблем во нашата врска. Ако сакате да дискутираме за други шпекулации, не е воопшто поврзано со пластична операција или корекции на лицето“ – рекол Алберт.
Во периодот додека престојуваше во Африка, Шарлин доби само една посета од семејството. На сите фотографии оттаму, таа изгледа слаба и истоштена, што ги загрижуваше фановите.
Шарлин и Алберт стапија во брак во 2011 година.