Приказната на Росана Дејвисон е доказ дека надежта последна умира. По 14 спонтани абортуси, поранешната Мис на светот роди близнаци.
36-годишниот модел од Ирска ја сподели среќната вест со фотографија од породилната сала, заедно со сопругот Вес и новородените синчиња Хуго и Оскар.
Росана и Вес минатата година го добија своето прво дете, ќеркичката Софија, со помош на сурогат-мајка. По долгогодишната борба со неплодноста, докторите ги советувале дека тоа е единствениот начин за тие да си ја исполнат желбата да станат родители. Но, среќниот пар сега може да се радува и на уште две бебенца.
„Нашите прекрасни и здрави идентични близнаци, Хуго и Оскар, пристигнаа безбедно на овој свет утрово и нашите срца се полни со љубов. Ние станавме петчлено семејство и сега сите наши соништа се остварени“ – напиша Росана.
Среќната мајка сподели дека дознала дека е бремена во првиот месец од карантинот, кога била многу опуштена и уживала во семејниот живот. „Дознавме дека сум бремена во првиот месец од карантинот, кога бев многу повеќе физички опуштена отколку што сум била со години наназад. Уживав во бавното темпо на семејниот живот дома и покрај анксиозноста и тагата во надворешниот свет“ – напиша таа.
Росана отворено зборува за борбата со неплодноста, а со споделувањето на својата сторија цели да им даде надеж на сите оние кои се наоѓаат во иста ситуација.
„На чудата поврзани со плодноста може да им треба малку време, но тие се случуваат на најнеочекуваните и најмагичните начини. Никогаш не се откажувајте од надежта“ – вели Росана.