Мајките би го дале и својот живот ако е потребно за да ги спасат своите деца.
Лејла Залихиќ го довела својот живот во опасност за да ја извлече 13-годишната ќерка од поројот во катастрофалните поплави кои ја зафатија Босна и Херцеговина и кои одзедоа најмалку 20 животи.
Лејла од Бутуровиќ Поље кај Кониќ знаела што треба да направи кога нејзината ќерка Асја била одвлечена од водата. Храбрата мајка пливала три километри низ вода, која носела со себе дрва, апарати за домаќинство и други предмети, за да го спаси своето девојче.
Повредите на нејзиното лице се гледаат од фотографиите објавени во медиумите. Лејла била хоспитализирана, а нејзината ќерка е безбедна.
„Почувствувавме кога куќата се затресе еднаш, па вторпат и третиот пат се сруши, а ние пропаднавме заедно со неа. Се сеќавам дека ги слушнав врисоците на мојот сопруг, на свекрвата и на ќерката“ – рекла за „Аваз“ таа.
„Мојата ќерка го виде светлото кое го држев во рацете и започна да ме довикува. Не можев да стигнам до неа од дрва, работи и апарати за домаќинство. Ги туркав, поминував над нив, расчистував за да стигнам со неа. Кога ја најдов, ја влечев зад себе, беше претешко, чизмите ми беа натопени, како и облеката, но успеавме да дојдеме до брегот, каде седевме можеби час и половина. Се обидувавме да сфатиме каде да одиме, не знаевме во кој правец да тргнеме“ – додала Лејла.
Тие биле одведени во болница откако стигнале до првата непоплавена куќа. Подоцна Лејла дознала дека сопругот ѝ е жив, но сè уште се трага по нејзината свекрва.
Приказната за Лејла деновиве го обиколува Балканот и ја покажува мајчинската љубов, која е посилна од сè.
ФОТО: Arman Kurtić/Instagram)