Шели Паско имаше екстра ретка бременост. Среќната Американка, која е родена со две матки, носеше по едно бебенце во секоја од нив и сега конечно ги држи во прегратка своите мали близначиња.
29-годишната мајка имала два спонтани абортуси во изминатата година и половина, па веста дека носи две бебенца во својата утроба им донела неизмерна радост неа и на сопругот.
Бебињата Кејли и Кемдон се родиле со царски рез на 6 март во 39-тата гестациска недела.
Шели дознала за својата состојба по првиот спонтан абортус. „Прво дознавме дека имам две матки кога го доживеав првиот спонтан абортус, пред околу година и половина. Од тој момент, ни беше кажано дека може да биде многу тешко да забременам и да износам бременост“ – признала таа.
По две тешки загуби, парот конечно ја доби посакуваната вест. Но, овој пат не стануваше збор за едно, туку за две бебиња. „На првиот ултразвук бевме шокирани. Се молевме за здрави отчукувања на срцето и го добивме тоа дупло. Бевме многу благодарни“ – изјавил таткото Џон.
Ова е втор ваков случај во истата болница во Алабама во краток период. Пред неколку месеци, мајката Келси Хачер роди близначиња кои ги носеше во двете матки.