Животната приказна на Ејми Перди ќе ви покаже дека никогаш не треба да се откажувате. Инспиративната Американка на 19-годишна возраст ги изгубила двете нозе, но тоа не ја спречи да го живее животот со полни гради.
Кога имала 19 години, Ејми се заразила со животозагрозувачка форма на бактериски менингитис – инфекција која довела до септичен шок.
Како последица на тоа, нејзе ѝ биле ампутирани двете нозе под колената, ги изгубила двата бубрези, а морало да ѝ биде отстранета и слезината. Докторите ѝ дале само 2% шанси за преживување.
Перди како вистинска хеорина се избори за својот живот, а две години подоцна ѝ бил трансплантиран бубрег од нејзиниот татко.
Ејми сега оди, трча, танцува и борда на снег благодарение на протетичките нозе. Таа живее неверојатен живот, рушејќи бариери и остварувајќи сè што ќе посака.
Околу една година по ампутацијата, Перди освои трето место на натпревар во сноубординг. Тоа ја мотивирало да продолжи да се стреми да биде најдобра.
Во 2014 година, Ејми учествуваше на Параолимпијадата и освои бронзен медал, а во 2018 година успеа да се закити со сребрен медал во сноубординг.
Таа учествуваше во 18-тата сезона на „Dancing With The Stars“ и беше првата личност со двојна ампутација која се има натпреварувано во шоуто.
42-годишната Американка издаде биографска книга „On My Own Two Feet: From Losing My Legs To Learning The Dance Of Life“, стана мотивациски говорник и патува ширум светот инспирирајќи со својата приказна.
Во февруари 2019 година, таа се соочила со нов здравствен предизвик – тромб на левата нога. За среќа, пронашла доктори кои успеале да ѝ помогнат да се исчисти згрутчувањето на крвта, но во текот на две години таа морала да мине низ 7 операции за повторно да може да оди со протетичките нозе.
„Ако се фокусирате на тоа што го имате, наместо на тоа што го немате, секогаш ќе го достигнувате врвот. Вие имате повеќе потенцијал отколку што си мислите, па започнете да се фокусирате на него. Ние не сме жртви на нашите околности. Не ви требаат нозе за да бидете успешни. Не ви се потребни совршени околности за да бидете успешни. Она што ви треба е визија, успорност, доследност и длабоко верување дека она што му го нудите на светот има голема вредност“ – вели Ејми.
Ејми со нејзиниот сопруг ја основале непрофитната организација Adaptive Action Sports. Таа цели да ги инспирира луѓето кои минале низ слични околности во животот да не се откажуваат и да ги следат своите соништа и страста кон спортот.