Силвана Веселиновиќ не може да си го замисли животот без нејзината ќерка Уна, која ја посвои пред 12 години од дом за деца без родители.
Иако веќе имала две свои биолошки деца кога ја запознала, Силвана решила да ја посвои Уна уште по првата прегратка. Сега, таа е единствена жена со Србија, која има посвоено дете со Даунов синдром.
Нивната приказна започнала кога таа отишла во домот за да им подели новогодишни пакетчиња на децата без родители. Тогаш ја здогледала Уна.
„Прашав што е со тоа девојче и ми рекоа дека е оставена, дека никој никогаш не ја посетил, како и дека има Даунов синдром. Кога ми пријде, силно се прегрнавме и веднаш помислив колку би сакала да го одведам ова дете дома, да му помогнам. Тоа беа некои чудни емоции. Прашав што сè ми е потребно за да ја посвојам, но ми рекоа: ‘За што ви е вакво дете? Не знае да оди, не знае да јаде’. Им реков дека ништо од тоа не е важно и дека само сакам да ја земам и да ја одведам дома“ – рекла таа и дадала: „Ги сакам многу моите деца, но љубовта меѓу мене и Уна е навистина посебна“.
Силвана во тој момент имала среќен живот со сопругот и двете деца, кои веќе биле пораснати. Нејзиниот син сакал да стане професионален војник, нешто што многу ја плашело.
„Во тој момент си мислев дека ако јас му помогнам на некое дете, дека Бог ќе го чува мојот син.“
„Таа случајна средба се претвори во тој наш живот исполнет со огромна радост и љубов. Во ниту еден момент Уна не ми била товар во животот. Таа мене ми е задоволство, јас уживам во животот со неа. Јас сум среќна“ – рекла Силвана, која многу работела за Уна да започне да го живее животот онака како што заслужува секој.
Кога дошла во домот на семејството Веселиновиќ, Уна имала три и пол години, не знаела да оди, да зборува и да јаде, а имала коефициент на интелигенција 5. Денес таа е самостојна девојка и покрај тоа што може да изговори само малку зборови.
„Прво моравме да работиме на социјализацијата, а потоа на животните вештини. Има мал фонд на зборови, но е многу разумно, фино, добро и тивко дете. Без разлика што не знае да зборува, ние се разбираме. Понекогаш, нас зборови не ни се потребни“ – рекла таа.
Силвана вели дека Уна е неверојатна тетка на нејзините внуци и дека тие ја обожаваат.
„Воопшто не е проблем што таа не знае да зборува. Тие знаат дека тета Уна не знае да зборува, но ја сакаат онаква каква што е.“
„Мислам дека секоја мајка што има дете со потешкотии треба да се бори за да го научи детето да живее. Затоа што и нему Бог му дал живот како и нас. Детето треба да почувствува љубов, сигурност и охрабрување“ – објаснува таа.
Во почетокот, луѓето често упатувале непријатни прашања кон Силвана, но со текот на годините се навикнале да ги гледаат заедно со Уна.
„Имаше коментари како: ‘Зошто ви е такво дете’, ‘Биолошки сте исполнети како мајка’, ‘Колку пари земате?’. Јас им одговарав дека не земаме пари, дека сме ѝ го дале нашето презиме и дека законски сме нејзини родители. Сега веќе сè е различно, 12 години сме заедно и луѓето нè гледаат секаде на улица“ – објаснила таа.
Набрзо по посвојувањето, Силвана ги пронашла биолошките родители на Уна и стапила во контакт со нив. Таа ги поканила на нејзиниот прв роденден, но тие одбиле да се појават и тоа бил последниот нивен контакт.
Двете заедно не само што ја победиле леукемијата од која боледувала Уна, научиле основни животни вештини и срушиле многу бариери, туку и постојано докажуваат дека љубовта е посилна од сè.
„Таа ми е како дар од Бог. Не можам да си го замислам животот без неа. И повторно да се родам, истото би го направила. На моите деца им велам: ‘Па да ја родев, немаше да има толкава љубов’. Најголема поддршка имав од сопругот, кој многу ја сака и тоа може да се види.“
„Околината ве гледа и осудува. Но, мене воопшто не ми пречеше да зјапаат во нас, да не прашуваат и да се чудат. Некои луѓе и нè осудуваа, па што ќе ви тоа дете. Им велев, па ми треба, потребно ми е. Јас сум среќна со неа, таа ми е како компас низ животот, инспирација за да постигнеме некој успех.“
„Уна ме научи дека кога е животот тежок, има доволно љубов да се пребродат сите грижи и проблеми кои ги носи животот“ – вели Силвана.