Пред 20 години, светот беше потресен од веста за цунами во Индискиот Океан, кое одзеде речиси 230.000 животи.
Моделот Петра Немцова и нејзиното момче Сајмон Атли биле на романтичен одмор во Тајланд кога 30-метарските бранови го срушија нивниот бунгалов. Сајмон бил одвлечен од водата и го загубил животот, додека Петра се држела за палма цели 8 часа додека да биде спасена. Целата карлица ѝ била искршена и имала сериозни внатрешни повреди, но успеала да преживее.
Сега, 20 години подоцна, 45-годишната убавица повторно се отвори за катастрофата.
„Секогаш е тешко да се навратам на тој момент кога ми се промени животот“ – рекла таа.
Петра и Сајмон се пакувале за да го напуштат ресортот кога удрило цунамито.
„Сè се случи во дел од секундата. Погледнав надвор и видов движење од избезумени луѓе како скокаат, а во следната секунда бран удри во нашиот бунгалов и ги искрши сите прозорци. Слушнав како Сајмон го извикува моето име и тогаш за последен пат му го слушнав гласот“ – раскажала таа.
Држејќи се за дрвото, Петра насекаде слушала деца како плачат за да бидат спасени, но таа не можела да им помогне, бидејќи карлицата ѝ била скршена.
„Не можев да одам да испливам до нив за да се обидам да им помогнам, бидејќи не можев да ги мрдам нозете. Половина час подоцна, не можев да ги слушнам повеќе“ – рекла таа.
„Преминав во фаза на смиреност, речиси како состојба на медитација, бидејќи знаев дека ако започнеш да паничиш, губиш многу повеќе енергија. Мене ми требаше целата моја енергија за да останам жива“ – сподели Петра.
Сосема непознати личности ја спасиле ставајќи ја на душек на надувување и ја одвеле во болница.
„Тие луѓе се подготвени да си ги ризикуваат сопствените животи за да спасат непознати лица. Тоа ти го покажува најдоброто од човештвото“ – раскажала таа.
Телото на нејзиниот сакан Сајмон било пронајдено и идентификувано во март 2005 година.
Сега, Немцова дава сè од себе за да им помогне на деца погодени од слични несреќи преку својата Фондација „Happy Hearts“. Нејзина цел е да ги направи училиштата побезбедни во подрачјата засегнати од несреќите.
„Денот на цунамито немав избор да им помогнам на децата, но сега имам избор и сите имаме избор“ – вели таа.
Немцова е во брак со бизнисменот Бенџамин Ларече со кого има еден син.