Жена со емотивна фотографија од круг од шприцеви објави дека ќе стане мајка по 7 долги години борба со неплодноста.
Џесика Вејт ја раскажа својата приказна за да им даде надеж на сите оние парови кои живеат во темниот свет на неплодноста. Таа им порачува дека вреди да чекаат и да не се откажуваат.
Вредеше чекањето. Сè вредеше.
Нашето патување за зачнување траеше 7 долги години.
3 клиники и 3 доктори
4 неуспешни циклуси со Кломифен и темпирани сексуални односи
6 неуспешни интраутерини инсеминации
2 инвитро циклуси
2 пункции на јајце-клетки
1 хистероскопија
1 операција
2 хистеросалпингографии
5 трансфери на замрзнати ембриони – 4 неуспешни и 1 успешен
8 прекрасни ембриони загубени
Повеќе од 70.000 долари потрошени
Безброј извлекувања на крв, ултразвуци, инјекции, апчиња, крв, пот, солзи, силни плачеви, болки, гушкања со кучето, сесии со музика, чоколади, вино, виски и многу многу сладолед.
Конечно, ЕДЕН зрак сончева светлина кој вредеше за сето тоа.
За сајтот Love What Matters, Вејт раскажа дека отсекогаш сакала да стане мајка и дека за неколку недели, нејзиниот сон ќе стане реалност.
„Додека растев, секогаш си замислував дека ќе бидам мајка. Кога ќе ме прашаа што сакам да бидам кога ќе пораснам, јас им велев МАЈКА. Сакав да имам куќа полна со дечиња кои трчаат наоколу. За жал, тој сон исчезна кога влеговме во темниот свет на празни банкарски сметки, помодрени, отепани и закрпени тела од безбројните процедури, дом со ѕидови извалкани со нашите врисоци и килим потопен со нашите солзи. Тоа што не можевме да зачнеме влијаеше на мене и физички и ментално“ – пишува таа.
Битката за зачнување на парот започнала во 2013 година. Докторите постојано им повторувале дека се млади и дека нема простор за загриженост. Полни со лажна надеж, тие се обидувале повторно и повторно, но секојпат се разочарувале кога ќе го виделе негативниот тест за бременост.
Нивниот прв обид за вонтелесно оплодување бил во 2018 година и бил неуспешен.
Првиот зрак светлина ја угреал Џесика откако ја промениле клиниката и го слушнале мислењето на друг доктор. Сепак, потребни биле месеци за нејзиното тело да закрепне за нова рунда инвитро циклус.
„Трансферот на нашиот совршен ембрион беше во јануари 2020 година и конечно, по години неуспеси и негативни тестови за бременост, ја добивме првата позитивна вест. Сега сум во 34-тата недела со нашето машко бебе-чудо и се адаптираме на новото патување“ – вели таа.
На сите жени кои го минуваат нејзиниот пат им порачува:
„Неплодноста засекогаш живее со тебе. Јас и мојот сопруг ниту еднаш не се откажавме, ниту пак помисливме дека дошол крајот на нашето патување. Колку и да е тешка битката, никогаш не се откажувајте. Чуда се случуваат, само можеби им е потребно подолго време отколку што очекувате. До сите Воини таму некаде, ве гледам, јас сум вие и ве сакам. Продолжи да се искачуваш, Мајко.“