Приказна за посветеноста и грижата на брачен пар кој работи во болница разнежни многу лица ширум светот.
Исполнувајќи си ја работната должност, Тејлор и Дру Дерас се грижеле за предвреме родено бебенце кое било оставено на Одделението за неонатална интензивна нега, не знаејќи дека тоа мало и ранливо девојче ќе ги освои нивните срца.
Тие се грижеле за малата Ела осум месеци, а денес таа официјално е нивна ќеркичка. Парот ја посвои на 18 ноември минатата година.
Љубовната приказна на Тејлор и Дру започнала по нивното запознавање во болницата во Небраска, каде што работеле. Тие често држеле ноќни смени и си давале поддршка еден на друг.
„Имаш многу време, особено ноќе. Се грижиш за пациентите, но исто така можеш да се запознаеш со колегите и да им помогнеш кога им треба помош. Така, ние започнавме повеќе да комуницираме. На некој начин така започна сè. Убаво ми беше во нејзина близина“ – рекол Дру.
Заљубените партнери се венчаа во август 2020 година. Набрзо го запознаа бебенцето кое им го промени животот.
Малата Ела се роди во мај 2021 година во 23-тата недела од бременоста и тежела само 510 грама. Биолошката мајка на бебенцето била во раните 20-ти години од својот живот, а таткото не бил вклучен во приказната. Како што изминувале деновите, мајката на Ела сè поретко и поретко доаѓала да ја посети, а потоа се откажала од грижата за нејзе. Така, девојчето останало да биде штитеник на државата.
По нејзиното раѓање, Ела поминала долго време на интензивна нега, соочувајќи се со бројни здравствени проблеми.
Ела до ден-денес има проблеми со белите дробови. Таа се роди со бронхопулмонална дисплазија, форма на хронична белодробна болест која ги погодува новороденчињата.
„Првите четири до пет месеци беа навистина критични за неа. Таа беше интубирана неколку месеци. Беше многу болна. Имаше моменти кога докторите ни велеа: ‘Гледајте ја. Не знаеме ни дали ќе ја преживее ноќта’“ – открила Тејлор.
„На некој начин, таа преживеа и стануваше подобра. Започна да јаде од шише и само малку имаше потреба од кислородна поддршка“ – дополнила мајката.
Во декември 2021 година, Тејлор дознала дека Ела стана штитеник на државата и со Дру веднаш побарале да ја згрижат во нивниот дом.
„Кога стана штитеничка на државата, му реков на Дру: ‘Навистина сакам да се грижам за неа, да ја донесам дома и да ја растеме како наше дете’. И така и беше. Ја сакав како пациент, а откако ја згриживме, ја сакав како мое сопствено дете“ – објаснила Тејлор.
Постапката за посвојување траела подолго време и завршила во ноември минатата година.
„Кога судијата рече: ‘Таа сега е ваше дете’... тоа беше моментот за кој се молевме, кој со нетрпение го очекувавме. Беше како остварување на сон“ – рекла среќната мајка.
Следниот месец Ела ќе наполни 3 години. Таа одлично напредува и нејзиното здравје континуирано се подобрува.