Наместо да се радува што ќе стане мајка, Касандра Церда ја помина речиси целата бременост борејќи се за својот и за животот на бебенцето кое го носеше во утробата. Таа роди здраво момче и сега продолжува да војува со ракот, сè додека не ја добие целосната битка.
Имено, 27-годишната Американка дознала дека боледува од рак на дојка во февруари оваа година, кога била во 20-тата недела од бременоста.
„Не можев да верувам. Бремена бев и не мислев дека нешто такво може да ми се случи мене. Но, ракот не дискриминира. Беше шокантно. Немав надеж. Кога ќе го слушнеш зборот ‘рак’, звучи како да ќе умреш“ – изјавила Касандра.
Оттогаш, храбрата мајка поминала низ неколку терапии, но докторите откриле дека ракот се проширил и на лимфните жлезди. Во април, Касандра морала да започне да прима хемотерапија, по што ја изгубила и косата.
Церда роди синче на 17 јуни, една недела пред терминот за породување.
По породувањето, Касандра имала неколку недели да се опорави и да собере сили за да продолжи со хемотерапиите.
„Се надевам дека туморот на лимфните жлезди се намалил и дека беше успешна првата рунда на хемотерапија. Бидејќи доколку не успеа, Боже, не знам што ќе се случува понатаму“ – вели таа.
Касандра ја сподели својата приказна за да ги охрабри сите оние кое се борат со оваа болест. „Не сакам луѓето да ме сожалуваат. Не, не е тоа поентата. Сакам да знаат дека, што и да е, тоа е помала или поголема пречка преку која треба да поминат во животот. Други луѓе се борат со полоши нешта и успеваат да победат. Тоа е мојата порака и цел“ – вели таа.